НЕМАМЕ ДОВОЛНО КАДАР ЗА ДА ГО ОТВОРИМЕ УРГЕНТНИОТ ЦЕНТАР НА ДЕТСКА КЛИНИКА, ВЕЛИ ДИРЕКТОРКАТА СТАВРИЌ

    НЕМАМЕ ДОВОЛНО КАДАР ЗА ДА ГО ОТВОРИМЕ УРГЕНТНИОТ ЦЕНТАР НА ДЕТСКА КЛИНИКА, ВЕЛИ ДИРЕКТОРКАТА СТАВРИЌГодинава од Клиниката за детски болести заминаа тројца педијатри, а според директорката д-р Катерина Ставриќ на конкурс се примени двајца нови специјалисти и тројца специјализанти (Фото: СДК.МК)

    Ургентниот центар на Клиниката за детски болести подолго време не функционира, и итните пациенти ги примаат во амбулантите на одделите, или ако има потреба неколку часа минуваат на одделот за интензивна нега каде се лекуваат најтешко болните деца.

    Родителите кои изминатиот период во време на викенд и во ноќни часови, кога нема дежурна педијатриска служба, велат дека ги однеле децата на Детска клиника поради изнемоштеност од висока температура или изнемоштеност од повраќање, биле примени на одделот за интензивна нега за да ја добијат потребната терапија.

    Директорката на Детска клиника д-р Катерина Ставриќ вели дека ургентниот центар не работи веќе три години, и дека во моментов имаат сериозен проблем со педијатри и средномедицински кадар.

    „Ургентниот центар не функционира веќе три години, поради недостаток на кадар не сме во можност да го отвориме. Кога ќе имаме можност ќе почне со работа. Ни недостасуваат педијатри и медицински кадар“, вели д-р Ставриќ, која додава дека нема големо мешање меѓу децата на кои им е потребна ургентна медицинска помош поради вирози и заразни заболувања со останатите пациенти и дека болницата и претходно така функционирала.

    Годинава од Клиниката за детски болести заминаа тројца педијатри, меѓу нив и анестезиолог. Директорката Ставриќ вели дека обновата на кадарот во болницата оди малку потешко, бидејќи во случајов нема специјалисти по педијатрија и анестезиологија.

    „Проблем е што нема специјалисти, а има поголем број специјализанти. Неодамна имавме конкурс за вработување нов кадар, вработивме двајца специјалисти педијатри и тројца специјализанти. Но ни недостига и средномедицински персонал. Се надевам дека проблемот ќе се надмине и дека ќе може повторно да го отвориме Ургентниот центар“, вели д-р Ставриќ.

    Ургентниот центар на Клиниката за детски болести беше направен со донација од турската меѓународна агенција за соработка и развој ТИКА беше отворен во 2013 година. Пред три години дел од Ургентниот центар беше преграден за потребите за изградба на новиот оддел за интензивна нега, но дел сè уште функционираше за тријажа на децата како Ургентен центар. На тој простор сега е направена лабораторија и практично нема ургентен центар.

    Министерот за здравство Венко Филипче вели дека не е загрозен процесот на прием на деца на Клиниката и дека сериозниот недостиг на кадар со кој се соочуваат е резултат на лошите политики кои се спроведувале со години.

    „Почнавме со зголемување на бројот на вработени и бројот на специјализации во целата земја, но имаме сериозен недостаток на ментори за педијатрија и за анестезиологија. Од почетокот на годината досега насекаде низ Македонија вработивме голем број доктори и медицински сестри, односно има околу 2.300 вработувања и распишавме 250 специјализации“, рече Филипче.

    Тој кажа дека во здравствениот систем многу работи недостасуваат, но дека работите не може да се променат преку ноќ и дека чекор по чекор ги решаваат проблемите каде е најкритично.

    „Така на Клиниката за гинекологија набавивме нови инкубатори, се прошири интензивната нега и се вложи во едукација на докторите. Следната 2019 година ќе продолжиме со истата динамика околу едукација на докторите. Затекнавме многу отпочнати градежни активности, но и заглавени проекти. Многу од нив откочивме, остана уште дел но на добар пат сме да ги завршиме на почетокот на 2019 година“, рече Филипче.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира