Дотраената ограда на Железен мост во Велес е опасна за пешаците, најмногу децата. Во еден дел, таа на повеќе места е оштетена и уништена од времето. Граѓаните кои овој мост го користат како најкратка врска со центарот на градот реагираат за состојбата, која е присутна со години.
„Пешачката патека, која е покрај пругата, е исклучително опасна. Тука секојдневно се движат и деца и среќа е што досега не се случила несреќа. Отворите во оградата се толку големи, што лесно може дете да се сопне и падне низ нив. Стравуваме за нашите деца. И самата патека е сериозно оштетена. Апелираме до Македонски железници што поскоро да ја санираат оградата. Летоска поставија нови прагови за шините на мостот, можеа и ова да го санираат“, велат жителите од населбата Речани и околу Спомен костурницата, кои најчесто го користат мостот.
Откако пред осум години на мостот беше поставена пешачка патека, него го користат и минувачите, не само возовите на МЖ, кои само двапати на ден го минуваат, на релацијата од и за Кочани. Летоска, пак, беа заменети старите дотраени прагови над реката Вардар со 174 нови. Велешани додаваат дека е крајно време целиот мост да биде бојадисан и заштитен од временските неприлики, кои низ годините го оштетуваат.
П. ПЕЧКОВ