Во Основниот суд Скопје 1 и во Обвинителството за организиран криминал и корупција, на кои Собранието им наложи со селективниот Закон за амнестија кого смеат, а кого не смеат да амнестираат за организираниот напад на 27 април лани, велат дека немаат поим всушност што е изгласано, додека не го видат законот во Службен весник. Сметаат дека не може отсега да се коментира дали може и како може да се спроведе овој најнов изум на пратениците, за амнестирање од терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, дело кое со Уставот е забрането да се амнестира. Велат, да го видат првин Законот, потоа ќе му ја мислат што ќе прават.
Судскиот процес за организираниот напад во Собранието на 27 април лани го води судијката Добрила Кацарска, а обвинението го застапува обвинителката Вилма Рускоска.
Законот за амнестија има општо име и не се врзува за настан, како на пример тој за учесниците во воениот конфликт во 2001 година, или тој за амнестијата на воените злосторства од Хашките случаи. Овој се вика само Закон за амнестија, за што ако се врзе со организираниот напад на Собранието на 27 април лани, ќе треба, велат правниците, сите учесници да се амнестираат и нема да може да е селективен, што му е суштинската намера.
Законот за амнестија, кој по брза постапка беше изгласан синоќа, не го гласаа седуммина отсутни пратеници: избеганиот азилант Никола Груевски, Мендух Тачи, Никола Попоски, Иван Стоиљковиќ, Илија Николовски, Зоран Ѓорѓиевски и Борис Змејковски.
Иако присутни во салата, копче „за“, ни црвено „против“, не стиснале дури 18 пратеници. Листата од тие случаи ја предводи пратеникот Џевад Адеми од ДУИ, па неговиот лидер Али Ахмети по азбучен ред, следи Амди Бајрам, па Теута Биљали, Африм Гаши, Мерал Узеири-Ферати, Лилјана Затуроска, Фадил Зендели, Енес Ибраим, Реџеп Мемеди, Дафина Стојаноска, Неџбедин Карамани, Ѓулумсер Касапи, Благица Ласовска, Горан Милевски, Антонијо Милошоски, Сурија Рушиди и Зиадин Села, кој беше толку многу претепан и тешко повреден во главата за време на нападот, што според неврохирурзите чудно е што е жив.
Резултати од гласањето:
С. К. ДЕЛЕВСКА