Пожарникарот Ѓорѓи Џонов ( 57 ) загинал при гасење на опожарен оџак на зграда на улицата Солидарност во штипската населба Автокоманда. Несреќата се случила вечерва околу 18 часот кога на повик дека оџакот исфрлал црн чад и пламени искри интервенирала противпожарната единица.
Интервенцијата била на најгорниот кат од зградата каде имало неколку надградби. Во еден момент пожарникарот се онесвестил и паднал. Колегата со него и станарите се обиделе да му помогнат, но без успех. Викнале Брза помош. Во болницата била констатирана смрт.
Сите вработени во Протипожарната единица во Штип вечерва се на работа. Полицијата разговара со дежурната екипа, а на местото на настанот излегол јавен обвинител кој го чека наодот од обдукцијата од што точно починал пожарникарот – дали од задушување или му се слошило претходно.
Џонов бил командир на група и е еден од поискусните пожарникари. Повеќе пати бил наградуван. На 6 декември прославил 57 роденден и со бенефицираниот стаж што го имал се подготвувал за пензионирање.
Т. ЈОВАНОВСКИ