На денешното судење за предметот на СЈО ТНТ, на обвинетиот Никола Груевски, кому одбраната му го откажа полномошното, судијата Огнен Ставрев му назначи адвокат по службена должност. Груевски по бегството е во Унгарија, каде експресно доби политички азил.
Тој од Будимпешта ќе прочита дека од денеска негов бранител во процесот ТНТ за Космос, е адвокатот Мехмед Сефери. Адвокатот по службена должност го плаќа државата по цена од 1.500 денари од рочиште за кривична постапка, како што е случајот за уривањето на „Космос“ на бизнисменот Фијат Цаноски.
Избеганиот осуден експремиер Никола Груевски на почетокот на месецов му беше исплатена цела пратеничка плата за ноември, а намалена плата од Собранието ќе земе од следниот месец. На брифингот со новинарите на 30 ноември, претседателот на Собранието Талат Џафери рече дека на Груевски намалена плата поради неоправдано отсуство од седниците според евиденцијата ќе земе од јанаури, кога ќе му биде исплатена декемвриската плата.
Според собранискиот Деловник, ако пратеник не го оправда отсуството од седница три дена едноподруго, му се одбива 5 отсто од плата за секој ден отсуство. На осудениот пратеник Груевски платата за секој ден неоправдано отсуство од Собранието ќе му се намалува за 5 отсто.
С. К. ДЕЛЕВСКА