Премиерот Зоран Заев за писмото на американскиот амбасадор Џес Бејли во кое тој ги повикува судиите да не се вадат на него кога носат пресуди и одлуки за притвор рече дека директно ќе разговара со него за причините за испраќањето на писмото, одговарајќи му на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски на денешната седница за пратенички прашања.
„За писмото разбрав од медиумите. Загрижен сум околу тоа што го пишуваше во писмото. Има многу шпекулации дека често американскиот амбасадор е злоупотребен јас бев и сведок кога се правеше Пржинскиот договор, кога се зборуваше во јавноста САД тоа го прави, ЕУ тоа го прави. Имало шпекулации дека амбасадорот или некој од амбасадата сакал некако да влијае на одредени процеси. Не ги знам причините, не можам да разберам за каков однос се работи и каде е всушност тоа сомневање што амбасадорот го нотирал. Но, ја сфаќам пораката. Ова е порака до правосудството никој да не се вади дека од амбасадата има некое укажување. Тоа е моето мислење. Кога зборува амбасадор, зборува државата. САД ни е стратешки партнер и ова ни е доволен сигнал да преземеме одредени дејствија, да видиме што е во суштина причината за таквото писмо. Му дадов насоки на мојот советник за надворешна политика да разговара со амбасадорот Џес Бејли, но тој не е тука поради празниците, па ќе се види со заменик амбасадорот да добие објаснување, а по враќањето на Бејли јас и лично ќе се видам со него за подетално да се информирам за причината за тоа писмо“, кажа Заев.
Милошоски на одговорот на Заев искоментира дека кога зборува амбасадор или кога пишува писмо, тој не зборува од лично име, туку претходно го информирал и побарал дозвола од Стејт Департментот и американската администрација за да испрати вакво писмо.
Г. ТРПЕНОСКИ