На Клиниката за ортопедија, која е дел од Клиниката за трауматологија, ортопедија, анестезија, реанимација и интензивно лекување (ТОАРИЛУЦ) денес беа отворени три реновирани операциони сали од вкупно четири, колку што ги има во оваа здравствена установа.
Министерот за здравство Венко Филипче рече дека годината ја заокружуваат со отворање на реновираните хируршки сали, кои беа во лоша состојба и дека сега се по светски стандарди.
„Протокот на воздухот е подобрен, подот, ѕидовите, има сосем нови операциони столови и светла, што на нашите експерти ќе им овозможи работа во многу добри услови и во давање подобри услуги, како и воведување на нови методи“, рече Филипче.
Тој кажа дека следната година ќе продолжат да инвестираат и во плати на здравствените работници, но и со вложување во инфраструктурата таму каде што е најпотребно и каде е најкритично.
„Имаме сериозна причина да веруваме дека на крајот на годината ќе удриме темелите на новиот клинички центар“, рече Филипче.
Според него најверојатно новиот клинички ќе се гради на локацијата во Ѓорче Петров.
Целото реновирање чини 30 милиони денари, од кои најголем дел се обезбедени од Фондот за здравствено осигурување и од Министерството за здравство, а 1,5 милиони денари се обезбедени од донации.
„Климатизацијата на воздухот е сменета со три филтри за задршка на нано честичките, вентилација со ламинарен тек на воздухот според највисоки стандарди. Комплетно нова инсталација на медицински гасови, како и вакуумот. Комплетно е сменета електриката“, рече директорот на Клиниката ТОАРИЛУЦ Илир Хасани, кој додаде дека покрај новата опрема сервисирана е и старата.
Раководителот на Клиниката за ортопедија д-р Виктор Камнар кажа дека со реновирање на овој дел се создава нова епоха во функционирање на Клиниката, особено за третманот на децата во делот на развојот на рбетниот столб, потоа за лекување бенигни и малигни тумори.
„Со ова се надеваме дека ќе ги намалиме на половина листите за чекање за операции на колена и колкови, како и воведување на имплантација на зглобови на шака и глужд“, рече д-р Камнар.
Е. БОЧВАРОСКА