НЕМА ПРОСТОР ЗА СТРАВ ОД КВОТИ ЗА ИЗВОЗ НА МАКЕДОНСКИ ЧЕЛИК И АЛУМИНИУМ ВО ЕУ, РЕЧЕ ЗАЕВ

    НЕМА ПРОСТОР ЗА СТРАВ ОД КВОТИ ЗА ИЗВОЗ НА МАКЕДОНСКИ ЧЕЛИК И АЛУМИНИУМ ВО ЕУ, РЕЧЕ ЗАЕВПремиерот Зоран Заев на вчерашната прес-конференција рече дека инспекцијата што Европската унија ја направила овде во декември лани кај компаниите кои извезуваат челик и алуминиум ќе покажат дека не го надминуваме плафонот за извоз во Унијата и дека затоа нема потреба од страв од квоти, по кои ќе се плаќа царина од 25 отсто (Фото: Министерство за финансии)

    Нема простор за страв дека ЕУ ќе воведе квоти за извоз на челик и алуминиум од Македонија, рече премиерот Зоран Заев, кој смета дека плафоните кои ги поставува Унијата, Македонија не ги надминува.

    Тој рече дека пресметките што ЕУ ги направила за извоз на челик и алуминиум од Македонија е всушност просек на извозот остварен во 2015, 2016 и 2017 година и дека на тој просек додала уште 5 отсто повеќе.

    „Добивме и дополнителни гаранции дека ако некоја од другите земји не ги искористи своите квоти, дека ние ќе може да ги искористиме. Реакциите од компаниите настанаа поради тоа што имале амбициозни планови и затоа стравувале од воведување ограничувања“, рече вчера Заев.

    Според него тоа на Владата ѝ одговара, бидејќи тоа значи нови вработувања, зголемување на бруто-домашниот производ, раст на економијата.

    „Не губиме ништо, плус зголемено за 5 отсто. Продолжуваме да лобираме, преговараме, оти одлуките се носат во февруари. Верувам дека нема да има штета врз економијата, оти и инспекциските служби направени овде кон крајот на декември ќе дадат аргументи дека ние ги поминуваме тие плафони и дека нема потреба од антидампинг цени“, рече Заев.

    Минатиот месец вицепремиерот за економски прашања Бујар Османи на брифинг со новинарите кажа дека Европската комисија упатила нота до Македонија со која се известува за воведување на заштитни мерки за извоз на челик и за алуминиум.

    „Надминување на квотата, компаниите ќе плаќаат 25 отсто царина. Досега не се плаќаше царина. Според новата формулација, просекот на извоз во 2015, 2016, и 2017 година, плус 5 отсто раст, е воведена како заштитна мерка поради тарифите кои САД ги стави кон Европската унија и сега Унијата го заштитува својот пазар. Се што ќе биде над тие проценти, над тие дозволени тони извоз, ќе биде царинето со 25 отсто. Приближно штетата за македонската економија би изнесувала околу 100 милиони евра годишно“, изјави тогаш Османи.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира