Две новозаболени деца со мали сипаници се примени на Клиниката за инфективни болести. Со тоа откако Министерството за здравство прогласи епидемија на морбили во оваа здравствена установа се лекувани 13 лица. Вчера на домашно лекување се пуштени 4 деца.
Министерот за здравство Венко Филипче денеска кажа дека од почетокот на епидемијата досега се вакцинирани 10 отсто од невакцинираните деца.
„Во тек се контролите на МАЛМЕД и на Државниот санитарен инспекторат и здравствен инспекторат. Резултатите за случајот со стари лепенки ги очекуваме во текот на денот. Вакцините се безбедни и со добар рок“ рече министерот за здравство Филипче.
При вонредниот надзор што викендов го направи Министерството за здравство со Државниот санитарен и здравствен инспекторат и Агенцијата за лекови беа најдени пакувања вакцини со добар рок на траење, но налепниците на македонски јазик биле со изминат рок. Филипче најави дека поради ваквиот пропуст на дистрибутерот „Македонијалек“, можно е одземање на лиценцата за работа како и раскинување на сите договори со оваа компанија.
Е. БОЧВАРОСКА