Германската канцеларка Ангела Меркел му се заблагодари на грчкиот премиер Алексис Ципрас за Договорот од Преспа и кажа дека тоа не е добро само за Северна Македонија и Грција, туку и за цела Европа. Меркел, на прес-конференцијата со Ципрас по нивната средба во Атина, рече дека името Северна Македонија е јасно и ѝ овозможува на Северна Македонија да стане членка на НАТО и ЕУ.
„Благодарна сум на Алексис Ципрас, кој работеше на решавање на долгогодишното прашање за името, обидувајќи да најде решение заедно со премиерот на соседната земја, господинот Заев. Мислам дека овде станува збор за нешто за кое секој од нас знаеше дека нема да доведе до лесно решение, но сега со името Северна Македонија, за сите нас и овде говорам во име на Германија, се создава јасност и ѝ дава можност на Северна Македонија да може да стане член како на НАТО, така и на Европската унија. Но, ова не е добро само за Северна Македонија и Грција, туку е добро и за цела Европа“, кажа Меркел, која на прес-конференцијата го користеше името Северна Македонија.
Таа ги отфрли тврдењата на лидерот на грчката опозиција Кирјакос Мицотакис дека Грција се согласила на Договорот од Преспа за да добие олеснувања во поглед на економските реформи, конкретно за намалувањето на пензиите.
„Не постои никаква врска меѓу активностите за прашањето за името и прашањето за економските реформи. Тоа не смее да се прави и се чудам што воопшто мора да се зборува за тоа“, рече Меркел, одговарајќи на новинарско прашање.