Денешното судење за организираниот напад во Собранието на 27 април 2017 беше одложено, бидејќи дел од обвинетите сè уште не добиле правосилни решенија за амнестијата и судијката Добрила Кацарска одлучи дека нема услови да продолжи судењето.
Судењето треба да продолжи на 21 јануари со завршните зборови.
Од 33-цата обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, амнестија добија пратениците Крсто Мукоски, Сашо Василевски, Љубен Арнаудов, Јохан Тарчуловски и Љупчо Димовски, Богдан Илиевски, Владо Јовановски и Борис Дамовски од „За заедничка Македонија“, Иван Цветановски, Елена Доцевска-Божиновска, браќата Михаил и Стефан Младеновски, Захарије Симовски, Илија Славевски и Митре Питроповски.
Амнестија за 27 април не побараа Митко Чавков и Душко Лазаров од МВР, Игор Дурловски, еден од водачите на „За заедничка Македонија“, Јане Ченто и Игор Југ, а одбиени им беа барањата на Александар Василевски – Нинџа, Никола Митревски – Кољо, Горан Ѓошевски – Леви, Митко Пешов, Оливер Поповски, Оливер Радулов, Сашо Марковски, Мунир Пепиќ, Абдуљфета Алими, Младен Додевски, Горанче Ангеловски – Ќосето, Влатко Трајковски и Вилијам Михајловски.
За жалбите на Леви и Пепиќ треба да решава Апелациониот суд.