Властите во Токио се обидуваат да ја утврдат автентичноста на графит со стаорец како држи чадор, дали е на мистериозниот графити уметник Банкси.
„Забележавме графит на стаорец на врата во близина на станицата Хиноде во централен Токио. Сметаме дека има можност да е насликан од Банкси“, изјави за АФП претставникот на Владата Који Суџијама. Стаорец со чадор е едно од најпознатите дела на славниот уметник.
Гувернерот на Токио Јурико Коике објави слики на Твитер од цртежот и вели: „ Има цртеж со сладок староец во Токио, што можеби е дело на Банкси. Дали е тоа подарок за Токио?“.
Владата деновиве ја острани вратата, која беше поставена како заштита за време на висока плима и ја стави во магацин за да ја заштити од оштетување, изјави Суџијама. Тој додаде дека не е познато кога бил насликан, но Бирото за јавна безбедност знаело подолго време за него.
На социјалните мрежи се појавуваат фотографии кои датираат дека цртежот е таму веќе неколку години. Но, Суџијама вели дека Владата дознала за графитот дури во декември, откако биле известени од локалните жители.
Владата се надева дека е негово дело, но Суџијама признава дека не знаат дали има експерт за Банкси во Јапонија и дека бараат разни начини за да ја утврдат автентичноста.