ВМРО-ДПМНЕ поднесе кривична пријава против претседателот на Собранието Талат Џафери, заменик-генералниот секретар на Собранието Неџбели Ибраими и директорот на Службен весник Мартин Костовски, поради основано сомнение дека извршиле кривични дела злоупотреба на службена должност и овластување, злосторничко здружување и саботажа.
Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев рече дека ја поднесуваат пријавата бидејќи сметаат оти Џафери, Ибраими и Костовски извршиле кривични дела со што ја злоупотребиле службената положба и овластување и го загрозиле уставниот поредок и безбедноста на државата.
„Истите на нечесен и подмолен начин, спротивно на Уставот и законите овозможиле објавување на законот за двојазичност без потпис од Претседателот на Републиката, со што се воведува неуставна двојазичност“, рече Јанушев на прес-конференција.
Претседателот на Собранието Талат Џафери на 14 јануари во Службен весник го испрати Законот за употреба на јазиците, кој претседателот Ѓорге Иванов одби да го потпише иако беше донесен по вторпат на 14 март 2018. Со овој Закон, албанскиот јазик ќе се употребува рамноправно во сите општини и во органите на државната управа, на чело со Собранието и Владата.
Г. ТРПЕНОВСКИ