„КРАЛ ИБИ“ Е ПРЕТСТАВА ЗА АЛЧНИОТ И ЗЛОБЕН МОДЕРЕН ЧОВЕК, ВЕЛИ РЕЖИСЕРОТ ХРИСТОВ ПРЕД ПРЕМИЕРАТА ВО ДРАМСКИ

    „КРАЛ ИБИ“ Е ПРЕТСТАВА ЗА АЛЧНИОТ И ЗЛОБЕН МОДЕРЕН ЧОВЕК, ВЕЛИ РЕЖИСЕРОТ ХРИСТОВ ПРЕД ПРЕМИЕРАТА ВО ДРАМСКИКултното дело на Жари, „Крал Иби“, се третира како првата модерна авангардна драма во театарот и е еден од првите три стилизирани бурлески каде Жари ги исмева и покажува аномалиите на модерното време (Фото: Д. Кардалевски)

    Текстот стар 122 години, „Крал Иби“ од Алфред Жари, утревечер во 20 часот во Драмски театар, премиерно ќе се изведе како експериментална и современа поставка, во режија на Васил Христов.

    Христов, кој по долго време се враќа во институционален театар, а за првпат работи во Драмски, вели дека Жари претставува предвесник на надреализмот во театарот и е основоположник на Театарот на апсурдот.

    Неговото култно дело „Крал Иби“, вели Христов, се третира како првата модерна авангардна драма во театарската и е еден од првите три стилизирани бурлески каде Жари ги исмева и покажува аномалиите на модерното време.
    Основата на „Крал Иби“ е „Магбет“ од Шекспир, а во претставата се користени делови и од „Хамлет“, „Крал Лир“, „Ричард Трети“.

    „ ‘Крал Иби’ не е претстава која нуди забава, туку е за публика која сака да види нешто ново и поинакво и предизвикува естетско задоволство“, рече Христов на денешната прес-конференција (Фото: МИА)

    „Преку главниот протагонист Татко Иби во една структура на гротескна пародија на Шекспировиот Магбет, плашливецот Крал Иби, претставникот на буржоазијата е прикажан како некој кој бескурпулозно гази сѐ пред себе за да ги достигне своите цели. Преку овој централен карактер кој е познат по неговиот апсурдно инфантилен однос кон светот и кој поседува алчна потреба по низа задоволства, авторот ни ја презентира неговата слика за модерниот човек. Во таа смисла Иби е метафора за тој модерен човек, кој е прикажан како грд, вулгарен, алчен грандиозен, нечесен, глупав, незрел, зол и кукавица. Истовремено авторот става акцент и ги издвојува алчноста и моќта за власт како ‘болести“ во модерниот свет“, кажа Христов.

    Играат: Игор Ангелов, Биљана Драгиќевиќ-Пројковска, Зоран Љутков, Сања Арсовска, Филип Трајковиќ, Софија Куновска, Предраг Павловски, Јана Стојановска, Долорес Поповиќ, Катерина Шехтанска-Лаковски, Маја Вељковиќ-Пановска, Емилија Мицевска, Тамара Ристовска и Игор Георгиев.

    Сценографијата е на Тодор Даевски и на Христов а костимите на Розе Трајчевска-Ристовска.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира