ГРАД СКОПЈЕ И ШУМАРСКИОТ ФАКУЛТЕТ ЌЕ ГИ ОСЛОБОДУВААТ ДРВЈАТА ЗАРОБЕНИ СО БЕТОН

    ГРАД СКОПЈЕ И ШУМАРСКИОТ ФАКУЛТЕТ ЌЕ ГИ ОСЛОБОДУВААТ ДРВЈАТА ЗАРОБЕНИ СО БЕТОНОткако беше објавено истражувањето на Шумарскиот факултет дека над 500 дрвја во градот се со заробени стебла и корења од градежен материјал, денеска градоначалникот Петре Шилегов и професорот Кирил Сотировски потпишаа меморандум за соработка. (Фото: Град Скопје)

    Град Скопје заедно со Шумарскиот факултет ќе ги ослободуваат забетонираните дрвја низ Скопје. Откако беше објавено истражувањето на Шумарски факултет дека над 500 дрвја во градот се со заробени стебла и корења од градежен материјал, денеска градоначалникот Петре Шилегов и деканот Кирил Сотировски потпишаа меморандум за соработка.

    Со меморандумот се предвидува од пролет екипи од Град Скопје заедно со професори и студенти од Шумарскиот факултет да го отстрануваат бетонот околку дрвјата за да може тие да преживеат.

    „Ја поздравувам брзата реакција на Градот која беше поттикната од медиумите откако беше објавено нашето истражување за бетонирани стебла. Околу булеварите и поголемите сообраќајници се најмногу лоцирани вакви примери. Низ Скопје се поплочена сè, односно до самото стебло и со тоа многу од дрвјата ќе се исушат ако не бидат ослободени. Според нашите податоци 500 дрвја се многу загрозени, а очекуваме оваа бројка да порасне до 1.000“, рече деканот на Шумарски факултет Кирил Сотировски.

    Градоначалникот Шилегов ги повика и градоначалниците на скопските општини да воспостават соработка со Шумарскиот факултет со цел да се отстранат пропустите и кај дрвјата лоцирани во зелените површини што се под нивна надлежност.

    „Ваквата состојба да не ни се повторува. Сакам да нагласам дека оваа активност по важност е веројатно поголема и од засадувањето нови дрвја од причина што старите дрвја со развиени крошни играат многу позначајна улога во животната средина од младите дрвја на кои им е потребно време да ги развијат своите крошни“, рече Шилегов.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира