ГО НАПИШАВ „МАЏУН“ ЗА ДА ГО ОБНОВАМ МИРИСОТ НА ДЕТСТВОТО, ВЕЛИ АКАДЕМИК УРОШЕВИЌ ЗА НОВИОТ РОМАН

    ГО НАПИШАВ „МАЏУН“ ЗА ДА ГО ОБНОВАМ МИРИСОТ НА ДЕТСТВОТО, ВЕЛИ АКАДЕМИК УРОШЕВИЌ ЗА НОВИОТ РОМАНРоманот на еден од најзначајните и најактивни македонски писатели го издаде „Магор“, а Урошевиќ во него пишува за дејство кое се случува непосредно пред почетокот на Втората светска војна, во Дебар Маало во Скопје. - Од промоцијата во Кино Култура (Фото: К. Попов)

    „Не сакам да кажувам дека ‘Маџун’ е мој автобиографски роман, но секако дека има моменти од моето детско искуство“, вели академик Влада Урошевиќ за САКАМДАЖАМАМ.МК, за неговиот нов роман кој беше промовиран вечерва во Кино Култура.

    Романот на еден од најзначајните и најактивни македонски писатели го издаде „Магор“, а Урошевиќ во него обработува една тема која е честа во неговото творештво. Станува збор за дејство кое се случува непосредно пред почетокот на Втората светска војна, а местото е Дебар Маало во Скопје. Во романот, вели авторот, се добива една слика на тоа време видено низ очите на едно седумгодишно дете.

    Писателот Владимир Јанковски и академик Влада Урошевиќ низ разговор за романот ја водеа промоцијата на „Маџун“ (Фото: К. Попов)

    „Две работи сакав да постигнам во романот: атмосферата на една епоха и начинот на видување на светот на едно дете. Во тој свет се судруваат големите настани на историјата со микросветот на едно дете кое ги стекнува првите животни искуства“, вели 85-годишниот академик.

    На прашањето дали има симоболика врзана со насловот на книгата, академик Урошевиќ вели познато е дека маџунот е еден гастрономски специјалитет кој е карактеристичен за Македонија, сируп кој се добива со варење сок од грозје и додава: „Вкусот на маџунот е нешто што сакав да го обновам во некој амбиент кој го опкружува детето“.

    Тој ни рече дека на романот работел интензивно три години и дека во него вметнал некои нешто кои може да третираат како документи на една епоха, и кои треба да го обноват духот на тоа време кај читателот, како на пример лекарски рецепти, пропагандни летоци, реклами и кулинарски рецепти.

    За книгата, професорката Лидија Капушевска-Дракулевска вели дека е структурирана од три дела и тоа: Рајот на детството, Сјајот на детството и Крајот на детството.

    Урошевиќ вели дека на романот работел интензивно три години и дека во него вметнал некои нешто кои може да третираат како документи на една епоха (Фото: К. Попов)

    „Веќе самите наслови на одделните поглавја ја откриваат доминантната тема на детството која како Аријаднина нишка се провлекува низ многуте лавиринтски патеки на оваа повеќеслојна и комплексна проза. Зашто, романот ‘Маџун’ не е само роман за детството, туку е и роман на атмосфера, и роман со исклучително урбан сензибилитет, и роман-сложувалка во духот на постмодернистичката парадигма, и роман-загатка.
    Композициски, ‘Маџун’ промовира една исклучителна култура на сеќавањето која ги проникнува историското и личното (индивидуално) време, големите и малите наративи, фактите и фикцијата“, стои во рецензијата од Капушевска-Дракулевска.

    Урошевиќ е поет, прозен автор, критичар, есеист, антологичар, преведувач. Член е на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), како и на повеќе академии во странство. Има докторат по филолошки науки; како редовен професор на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје на Катедрата за општа и компаративна книжевност држел курсеви по историја на европските литератури од 19 и 20 век.

    За својот книжевен опус, именуван е од Владата на Франција прво за витез на редот на уметноста и литературата, а потоа и за офицер на истиот ред (Фото: К. Попов)

    Почнувајќи од „Еден друг град“ (1959), објавил десет збирки поезија. Помеѓу неговите прозни дела има шест збирки раскази, пет романи, три книги записи и патописи. Во повеќе книги се собрани критиките и есеите во кои, главно, зборува за македонските писатели. Има две книги за фантастиката во литературата, како и две книги за фантастиката во сликарството.

    Неговата дејност како преведувач на поетски дела е свртена, пред сè, кон француската поезија. Урошевиќ е единствен македонски поет кој ја добил трипати наградата „Браќа Миладиновци“ за најдобра поетска книга на Струшките вечери на поезијата. За својот книжевен опус, именуван е од Владата на Франција прво за витез на Редот на уметноста и литературата, а потоа и за офицер на истиот Ред. Книгите на Влада Урошевиќ се преведени на повеќе јазици: англиски, бугарски, германски, дански, полски, руски, словенечки, српски, француски и шпански.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира