СДСМ не донесе одлука дали заедно со претседателските избори напролет ќе се одржат и предвремени парламентарни избори. На вчерашната седница на Централниот одбор, присутните само дебатирале за или против избори и кои се предностите и недостатоците ако се оди само на претседателски без парламентарни или да се оди заедно и на парламентарни.
„Пожелни се претседателски и парламентарни избори заедно. Но, така ја губиме најголемата придобивка за спроведување на реформите, двотретинското мнозинство во парламентот од 81 пратеник. Ако има избори, ќе дојдат нови пратеници од опозицијата, а тешко дека СДСМ и коалицијата ќе освојат 80 пратеници“, вели за САКАМДАКАЖАМ.МК функционер на СДСМ, кој сака да остане анонимен додека партијата не донесе конечна одлука.
Одлука дали ќе се одржат парламентарните и претседателските избори СДСМ ќе донесе по средбата со коалициските партнери најавена за идната недела.
Како што дознаваме, поголемиот број од дискутантите биле против парламентарните да се одржат заедно со претседателските избори.
Извори од СДСМ за САКАМДАКАЖАМ.МК велат дека по ратификацијата на Договорот од Преспа и Законот за употреба на јазиците и воведувањето на прогресивниот данок, логично би било да се проверат политиките на власта на избори.
Лидерот на СДСМ и премиер Зоран Заев јавно изјави дека е против парламентарни и претседателски избори, иако лично ги посакува, но во тој случај ќе се закочеле реформите со кои во јуни Македонија треба да добие датум за преговори со Европската унија.
Поради снегот, на седницата на СДСМ не присуствуваше премиерот Заев. Тој поради невремето, вчера враќајќи се од Давос со владиниот авион слета во Софија и не стигна на седницата на Централниот одбор.
„Дебатата се водеше од интересите на Македонија. Се разгледуваа предностите и слабостите на предлогот за предвремени парламентарни избори, заедно со претседателските. Водејќи се од интересот на граѓаните, највисокиот орган на партијата ќе заседава идната недела и ќе донесе одлука дали ќе има парламентарни избори“, изјави генералниот секретар на СДСМ Александар Кирацовски, по вчерашниот состанок на централниот одбор на СДСМ.
СДСМ донесе одлуката да ја започне процедурата за избор на кандидат на претседател на државата која ќе заврши на партискиот конгрес на 3 март. Во партијата почнала и процедурата за номинирање на кандидати за локалните избори во Охрид, Дебар и Ново Село, кои ќе се одржат заедно со претседателските.
Г. ТРПЕНОСКИ