Притвор од 30 дена е одреден за двајца полицајци кои биле вмешани во инцидентот во Шуто Оризари. Според Основното јавно обвинителство, тие се осомничени заедно со уште пет други лица за кои се води постапка, дека извршиле грубо насилство врз тројца оштетени, односно постои основано сомнение дека сториле кривично дело – Насилство.
„Бидејќи осомничените се сомневале дека оштетените лица наводно грабнале дете од Шуто Оризари, ги пресретнале и насилно ги извлекле од патничкото моторно возило Хјундаи галопер без регистарски таблици. Притоа физички ги нападнале, удирајќи ги со тупаници и клоци и нанесувајќи им телесни повреди“, се вели во соопштението на Основното јавно обвинителство.
Надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција до Судија на претходна постапка доставил Предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени. Ваквиот предлог е прифатен, па со Решение на осомничените им е определен притвор во траење од 30 дена.