Курдски барател на азил ја освои најважната литературна награда во Австралија, Викторијанската награда. Иранскиот Курд Бехроуз Бучани не можеше лично да ја прими наградата, бидејќи е задржан на островот Манус.
Бучани ја доби наградата од 100.000 австралиски долари (околу 73.000 американски долари) за неговата книга „Немам пријател освен планините: Пишувајќи од затворот Манус“, напишана на јазикот фарси додека престојувал во азилантсксиот центар кој сега е затворен. Се состои главно од пораки кои преку Вотсап ги испраќал на неговиот преведувач.
Книгата исто така ја доби и наградата за фактографија, од 25.000 австралиски долари (околу 18.000 американски долари).
Бучани живее на островот Манус од 2013, и како и сите притвореници, не смее да го напушта.
„Ова е парадоксално чувство. Не сакам да го славам овој успех додека гледам како невини луѓе страдаат околу мене. Дајте ни слобода. Немаме сторено никаков криминал, само бараме азил“, изјави Бучани.
Тој избегал од Иран бидејќи постоело можност да биде уапсен од властите поради неговата новинарска работа. Тој на два пати се обидел да дојде до Австралија од Индонезија со брод. На првиот обид, бродот потонал, а Бучани бил спасен од индонезиски рибар. Во јули 2013, неговиот брод заедно со уште 75 баратели на азил биле пресретнати од Австралиската морнарица и биле однесени во Центарот за притвор на островот.