Ванчо Ристов е единствениот кондураџија кој остана во Штип да пркоси на одумирањето на чевларскиот занает и воопшто на занаетчиството во градот. Ристов (58) во Штип цели 38 години го работи овој занает, а во последните десет години е самостоен чевлар како мајстор за поправка на оштетени обувки.
„Во 1981 се вработив во фабриката за обувки ‘Баргала’ во Штип каде го изучив чевларскиот занает. Потоа работев во повеќе приватни мини фабрики за обувки, а неколку години на истиот занает работев и во Кочани. Сепак, во 2010 одлучив да бидам самостен чевлар со свој дуќан во Штип“, вели единствениот мајстор за поправка на кондури во Штип.
Таа година Ристов решил својата гаража во населбата Сењак во Штип да ја адаптира во чевларска работилница. Во простор три на четири квадрати успеал да смести неколку машини за крпење секаков вид обувки. Ги има речиси сите потребни од разни марки, како и оние старите уникатни и универзални машини „сингер“ за шиење дебели штофови и разни кожи за обувки.
„Располагам со потребниот материјал за замена на оштетените подметки и со квалитетн лепак за нивно зацврстување на чевлите. Замена на флекници или лепење на скинати ременчиња денес никој не работи во Штип. Јас им излегувам во пресрет на луѓето кои не можат во секо време да се купат нови обувки. Ретко од побогатите дошле кај мене. Само тројца познати бизнисмени во Штип побарале помош за нивните уникатни чизми што некаде дебело ги платиле. Младите денес избегнуваат да поправаат кондури“, вели Ристов.
Штип има околу 50.000 жители, од кои скоро 10.000 студенти, и е најголем град во Источна Македонија. Сепак, иако е единствен кондураџија, се случувало по цели денови да нема муштерии во дуќанот на Ристов. Како кај секој занаетчија, така и кај него во секое време има по некој пријател на муабет.
„Занаетчиството изумира. На пример шивачи во Штип има само двајца, а за други специфични занаети и да не зборуваме, одамна ги нема. Единствено опстојуваат фризерите и берберите. Во Штип ги има десетина“, вели Ристов кој има отворен повик за младите да почнат да го изучуваат неговиот занает.
„Лани ме викнаа од Бирото за вработување и ме информираа за некаков проект за извесен паричен надомест да обучувам млади кадри. Јас месечно да добивам по 30 илјади за обуката, а кандидатите од нив да добиваат по 9.000 денари заработувачка со платено осигурување и придонеси. Ми рекоа, кога кај нив ќе се јавел некој заинтересиран ќе ме известиле. Но, до денес за ништо не сум информиран, ниту за тоа дали имало заинтересирани или не, и што се случило со парите од тој проект. Јас сум подготвен и сега да обучувам повеќе млади кадри“, вели Ристов.
Разочарен е и од Регионалната занаетчиска комора која, според него, нема никакви активности ниту пак се заинтересирала некогаш да слушне како тој како кондураџија работи и што е потребно да се преземе да се спречи одумирањето на неговиот и останатите занаети, затоа што во минатиот век во Штип имало над педесетина занаетчиски дуќани и стотина мајстори, калфи и чираци.
„Како самостоен чевлар работам веќе десет години. За прв пат дури пред Нова година дојде преставник на Занаетчиската комора, но не за друго туку да остави каленадар за 2019 година. Благодарам и на тоа и го закачив на ѕидот. Мислам да продолжам како занатечија сè додека можам и ако ме послужи здравјето ќе работам и кога ќе заминам во пензија. Реков, заработувам за крпен живот, но од крпачкиот чевларски занает не се откажувам“, вели Ристов.
Т. ЈОВАНОВСКИ