ШЕСТ ДЕЦА НА ВОЗРАСТ ДО 2,5 ГОДИНИ ПРИМЕНИ НА ИНФЕКТИВНА СО ЗАПАЛЕНИЕ НА БЕЛИ ДРОБОВИ КАКО КОМПЛИКАЦИЈА ОД ЗАРАЗА СО МАЛИ СИПАНИЦИ

    ШЕСТ ДЕЦА НА ВОЗРАСТ ДО 2,5 ГОДИНИ ПРИМЕНИ НА ИНФЕКТИВНА СО ЗАПАЛЕНИЕ НА БЕЛИ ДРОБОВИ КАКО КОМПЛИКАЦИЈА ОД ЗАРАЗА СО МАЛИ СИПАНИЦИОд прогласување на епидемијата на 2 јануари досега во пунктовите за вакцинација во Скопје вакцинирани се вкупно 5.387 деца (Фото: СДК.МК)

    Шест ново заразени деца со мали сипаници (морбили) вчера се примени на Клиниката за инфективни болести, бидејќи болеста предизвикала пневмонија. Од Министерството за здравство велат дека во последното деноноќие на клиниката амбулантски се прегледани уште пет пациенти, но тие се пуштени на домашно лекување.

    „Примени се две бебиња на пет месечна возраст, едното од Батинци, а второто од Чаир, седуммесечно бебе од шуто Оризари, две едногодишни деца едното од Стајковци, а другото од Брест, и 2,5 годишно дете од Чаир. Сите се невакцинирани. На Клиниката се примени, бидејќи имаат запаление на белите дробови“, велат од Министерството за здравство.

    Сега на Инфективна клиника хоспитализирани се 26 пациенти со мали сипаници, а од Министерство за здравство велат дека сите пациенти се во стабилна состојба.

    „Од прогласување на епидемијата на 2 јануари досега во пунктовите за вакцинација во Скопје вакцинирани се вкупно 5.387 деца“, велат од Министерство за здравство.

    Според податоците од Институтот за јавно здравје само минатата недела регистрирани се 52 случаи на заразени со мали сипаници во Скопје, како и два случаи во Богданци за кои не постои епидемиолошка поврзаност на заболените во Скопје.

    „Заклучно со први февруари во Скопје регистрирани се 148 случаи на мали сипаници. Епидемијата ги зафаќа сите општини на територијата на град Скопје. Возраста на заболените се движи од 1 месец до 51 години. Од вкупниот број заболени, 85 или 57,4 отсто се на возраст до 4 години, а 36 лица или 24,3 отсто се возраст над 30 години. 125 или 84,5 отсто од заболените се невакцинирани, некомплетно вакцинирани или со непознат вакцинален статус“, се вели во извештајот на ИЈЗ.

    Министерството за здравство вели дека и натаму остануваат на сила противепидемиските мерки, односно забраната да се примаат невакцинирани деца во градинките, да се ограничи посетата во здравствените установи, како и препораките сите што не се вакцинирани или се нецелосно вакцинирани тоа што поскоро да го направат.

    „Доколку се појават симптоми на мали сипаници, родителите децата право да ги однесат на матичен лекар или во дежурните пунктови во поликлиниките ’Јане Сандански‘, ’Бит Пазар‘ и ’Ѓорче Петров‘, а ако има потреба лекарот ќе ги препрати на Клиниката за инфективни болести“, велат од Министерството за здравство.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира