Краткиот експериментален филм „Крајот на времето“ на режисерот Милчо Манчевски ја доби наградата Избор на кураторот (Curator’s Choice) на американскиот патувачки филмски фестивал за кратки филмови Вондеринг рил (Wandering Reel Traveling Film Festival).
„Крајот на времето“ е кубанско-американска копродукција по сценарио и режија на Милчо Манчевски, експериментален филм кој Кетлин Мекинис, директорката на фестивалот во Аспен каде ја освои својата прва награда го нарече „хипнотичен и величествен“. Берлинскиот Либери фестивал вели „Свежиот минимализам и авторитетната едноставност на ‘Крајот на времето’ се навистина потресни“, Дејан Здравков од Филозовскиот филмски фестивал во Скопје напиша „Неверојатно привлечна кинематска и уметничка игривост, експериментално трансцедентално патување… ретки и безвременски мигови“, а канадскиот режисер на експериментални филмови и критичар, Мајк Хулбум, вели: „Студија на секојдневното и на тајното спасение кое мирно чека додека никој не гледа. Вниманието на гледачот е поттикнато да скита по сликата, небаре нашата потреба од херои или предмети за тестирање веќе не е неопходна.“
Филмот имаше светска премиера во 2017, прикажан е на повеќе од 30 фестивали, музеи и уметнички галерии и има освоено 6 награди, меѓу кои и во Аспен и Берлин. Светски дистрибутер на филмот е „Пасифик воис“ од Јапонија.
Пред десетина денови Манчевски беше награден и на годинашниот јубилеен 30. Mеѓународен филмски фестивал во Трст, Италија, каде му беше доделена наградата Источна ѕвезда (Eastern Star) за достигнувања во светскиот филм.
Шестминутниот „Крајот на времето“ е опишан како експериментален филм „за оној хипнотизирачки миг во еден обичен, скромен вторник кога човек сфаќа дека времето запрело и светот е вшмукан во една единствена насмевка“.
„’Крајот на времето’ е филм кој може комотно да се претстави во музеј или галерија наместо во кино-сала. Во него продолжувам да ја истражувам крстосницата каде што вистината и прикаската се вкрстуваат, преклопуваат и сукобуваат; овој пат на минималистички начин“, вели Манчевски.
Филмот е снимен во Сан Антонио де лос бањос на Куба, а постпродукцијата во Њујорк и Македонија. Ова е една од првите американско-кубански копродукции, која започна пред затоплувањето на односите меѓу двете земји. Манчевски беше еден од првите уметници од САД што беа вклучени во културната дипломатија, тој беше ангажиран за професор на Државната филмска академија во Хавана, предаваше на постдипломците по филмска режија, меѓународна група студенти од целиот свет, а истовремено го сними и „Крајот на времето“. Директор на фотографија е Ален Лопез Мартинез, монтажер Кристина Поженел, автор на музиката и тонскиот дизајн е Игор Василев Новоградска, визуелните ефекти се на Мишо Ристов и Рекс, а колор грејдингот на Мајкл Двас.