Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Владо Мисајловски потврди дека професорката од Правниот факултет Гордана Силјановска е една од пријавените за кандидат на опозициската партија на претседателските избори напролет. На прес-конференција пред малку, Мисајловски кажа дека на огласот на ВМРО-ДПМНЕ се пријавиле 10-мина кандидати, но една од кандидатурите е отфрлена, бидејќи не бил запазен рокот.
Мисајловски ги соопшти деветте имиња, од кои на партиската конвенција на 16 февруари ќе биде избран претседателски кандидат: Никита Шекутковски – професор, Ѓорѓи Манасков – претседател на Стопанска комора за енергетика, Васко Костов – фармацевт, Влатко Ѓорчев – пратеник, Гордана Силјановска – професор, Илија Димовски – професор во пензија, Филип Петровски – ексдиректор на Архив, Горан Ангелов – експратеник, Сашо Кутлешовски – професор.
Мисајловски рече дека на сите пријавени ќе им биде овозможен еднаков пристап до општинските комитети за да ги презентираат своите програми и уште еднаш побара предвремени парламентарни избори заедно со претседателските избори.
За претседателските избори кои треба да се одржат на 21 април и 5 мај, покрај ВМРО-ДПМНЕ оглас за пријавување кандидатури распиша и СДСМ.