Душан (89) и Костадинка Лошкоски (92) од селото Оровник кај Охрид ја одбележаа 70-годишнината од својот брак, во присуство на тројцата синови, шест внуци и 12 правнуци, но и на волонтерите на охридски Црвен крст.
Душан и Костадинка се запознале во септември 1948 година, откако првпат се виделе на една свадба, брак склучиле на 6 февруари 1949. Минувале години, а нивниот брак опстојувал и добиле тројца синови.
„Бев на свадба кадешто братот на Костадинка беше бајрактар. Тогаш ја бендисав и со негова помош ја зедов. Многу бевме среќни, сите години ми поминаа многу брзо. Ние сме најстари во регионов кои сме во брак”, вели Душан.
Костадинка е постара од Душан, што во тоа време не било вообичаено, бидејќи правило било сопругата да биде помлада од мажот.
„И после толку години, нашата љубов трае на еден поинаков начин. Се грижиме еден за друг. Душан многу повеќе, бидејќи е помлад од мене. Тој на некој начин ми е и лекар. Љубовта нè одржа цело ова време, седумдесет години, иако сме имале и многу премрежија”, кажува Костадинка.
Последниве две години, животот на Душан и Костадинка е исполнет и со најразлични активности и дружења во Црвен крст Охрид и со волонтерите-нивни врсници од Програмата за грижа за стари лица. Велат дека тоа им дава посебни смисла и исполнетост во животот, за што изразуваат голема благодарност до Црвен крст Охрид.
Д. ЧУБРИЌ