Шеесет и деветотто издание на Берлинскиот филмски фестивал почнува вечерва со премиерата на „Љубезноста на непознатите“ на данската режисерка Лоне Шерфиг. За првпат, македонски филм е во трката за престижната Златна мечка – „Господ постои, името ѝ е Петрунија“, петтиот филм на Теона Стругар Митевска, што ќе има светска премиера на 10 февруари.
До 17 февруари колу 400 филмови ќе играат на Берлиналето, 17 во официјалната селекција за Златна мечка, од кои седум се режирани од жени. За споредба, лани на Венеција имаше само еден филм од режисерка. Претседателка на годинашното жири е француската оскаровка Жилиет Бинош.
Бинош во 2014 дојде во Битола да ја прими наградата за придонес кон светскиот филм на фестивалот „Браќа Манаки“, чија директорка тогаш беше Лабина Митевска.
За премиерата на „Петрунија“ во Берлин ќе оди и министерот за култура Асаф Адеми.
На Берлинале се и двајца макдонски актери, Благој Веселинов и Сара Климоска. Веселинов, ѕвездата на „Исцелител“, наградуваното деби на Ѓорче Ставрески, е меѓу 10-те најдобри актерски таленти во подем во Европа, кој тука ќе ја добие наградата „Шутинг старс“ (Shooting Stars), што ја доделува платформата Европска филмска промоција (ЕФП). Климоска е избрана да учествува на Талент кампусот.
Во продукција на „Сестри и брат Митевски“, филмот на Теона е инспириран од настанот што се случи на Водици 2014, кога Борислава Васкова го фати крстот фрлен во реката Брегалница во штипско Ново Село, кој потоа и беше одземен. Инспирацијацијата е од случајот и од „ христијанското табу и дилеми дека жена не треба да се фрла по светиот крст исто како што не може да влегува во олтарот во црква“.
„Во Штип, секој јануари локалниот свештеник фрла дрвен крст во реката, а стотици мажи со нуркање сакаат да дојдат први до него. Среќата и просперитетот се загарантирани на човекот кој ќе го фати прв. Петрунија неочекувано се фрла во водата од каприц и успева да го фати крстот пред другите. Нејзините конкуренти се бесни – како се осмелува жена да учествува во нивниот ритуал? Настанува општ хаос, но Петрунија опстојува на своето. Таа го освои својот крст и нема да се откаже“, вела од продукцијата „Сестри и брат Митевски“ за приказната на филмот.
„Господ постои, името ѝ е Петрунија“ е македонско-француско-белгиско-словенечко-хрватска копродукција. Поддржан е од Еуримаж со 224 илјади евра и од Медиа фондот за развој на проекти. Буџетот на филмот е 1.400.000 евра, а од македонската Агенција за филм доби 487 илјади евра.
Филмот се снимаше шест недели во Штип во јануари и февруари 2018. Монтажата се одвиваше во Белгија, звукот, лабораторијата и музиката се работеа во Белгија, Франција и Словенија.
Меѓу конкурентите за Златна мечка се и „Господин Џонс“ на полската режисерка Агњешка Холанд, „Златната ракавица“ на германскиот режисер Фатих Акин, „Со божја милост“ на Французинот Франсоа Озон, „Елиса и Марсела“ на Шпанката Изабел Коиксет.
Фестивалот годинава го потенцира значењето на заштита на животната средина со замена на традиционалниот црвен килим за ѕвездите со зелен, изработен од рециклирани мрежи за риби.