ДИВА ПЛАТФОРМА ЗА КАФЕАНА НИКНА НА МАТКА, ГРАД СКОПЈЕ НЕ ЗНАЕ ШТО Е, ОПШТИНА САРАЈ НЕ КАЖУВА

    ДИВА ПЛАТФОРМА ЗА КАФЕАНА НИКНА НА МАТКА, ГРАД СКОПЈЕ НЕ ЗНАЕ ШТО Е, ОПШТИНА САРАЈ НЕ КАЖУВАПлатформата од железна конструкција распослана е од бетонскиот ѕид до патот, низ карпите на кањонот и неколку метри во езерото. (Фото: СДК.МК)

    Дива платформа, најверојатно за кафеана, никна во кањонот Матка. Од Град Скопје не знаат за што станува збор, но од Кабинетот на градоначалникот Петре Шилегов велат дека градбата е нелегална оти за овој потег немаат издадено никаква дозвола. Од Општина Сарај никој не одговара на прашањата.

    Платформата од железна конструкција се гради во езерото, покрај патот на кањонот. Распослана е од бетонскиот ѕид до патот, низ карпите на кањонот и неколку метри во езерото. Покрај платформата стојат и цевки и дрвени греди, а на едниот крај изведена е дрвена куќарка, која личи на шанк.

    „Град Скопје нема издадено никакво одобрение за поставување на урбана опрема на Матка. Ќе излеземе на терен да видиме за што станува збор“, велат од кабинетот на градоначаникот Петре Шилегов за дивата платформа. (Фото: СДК.МК)

    Кањонот Матка е под надлежност на Град Скопје и Општина Сарај. Токму градоначалникот Петре Шилегов во јуни лани кажа дека Матка заслужува поголема грижа со цел максимално искористување на нејзиниот туристички потенцијал, а неколку пати најавуваше носење на Закон за заштита на Водно и Матка.

    „Град Скопје нема издадено никакво одобрение за поставување на урбана опрема на Матка. Ќе излеземе на терен да видиме за што станува збор. Обврската за уривање на нелегални градби и објекти е на Општина Сарај“, рекоа за САКАМДАКАЖАМ.МК од кабинетот на градоначалникот Петре Шилегов.

    Од Општина Сарај не добивме одговор што се гради во кањонот, зошто се дозволува узурпирање на природата со градби и дали инспекторите имаат издадено решение за уривање.

    Градоначалникот на Сарај Блерим Беџети два дена не одговараше на неговиот телефон. Лицето задолжено за односи со јавност Миранда Рамети исто така не се јавуваше на телефонскиот број, ниту пак добивме одговор на поставените прашање кои ги испративме на е-поштата на Општината.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира