Тринаесетмесечното дете од Свети Николе, кое вчера попладне почина од компликации предизвикани од мали сипаници на Клиниката за детски болести, претходно подолго време било лекувано од белодробни заболувања и на Клиниката за детски болести и во домашни услови. Директорката на Клиниката за детски болести д-р Катерина Савриќ вели дека детето малите сипаници ги префатило од неговиот татко, кој исто така во овој период се заразил со мали сипаници.
„Детето пред неколку дена е примено на Клиниката за инфективни болести, но поради влошување на состојбата во петокот беше префрлено на нашата Клиника. Претходно, ова дете поради белодробни болести повеќе пати е лекувано и поради намалениот имунитет не ни можело да биде вакцинирано, бидејќи било третирано со кортикостероиди за белодробното заболување“, вели д-р Ставриќ.
Таа кажа дека откако се заразило со мали сипаници состојбата му се влошила и првично е примено на Клиниката за инфективни болести, од каде по неколкудневно лекување е препратено на Детска клиника.
„Апел до родителите да ги вакцинираат децата, бидејќи опфатот треба да биде над 95 отсто, бидејќи вака се најпогодени токму оние чиј имунитет е намален и не може да бидат вакцинирани“, вели д-р Ставриќ.
На барање на министерот за здравство Венко Филипче за утре е закажана вонредна седница на Комисијата за заразни болести за да се разгледа што уште можат да се направи за да се спречи ширењето на болеста.
Е.БОЧВАРОСКА