ОВАА КНИГА НАЈДОБРО КАЖУВА КОЛКУ ЧЕСТО МЕ НЕМАЛО ДОМА ПОРАДИ СПОРТСКИ НАТПРЕВАРИ, КАЖА ЗОРАН МИХАЈЛОВ НА ПРОМОЦИЈАТА НА СВОЕТО ПРВО ДЕЛО

    ОВАА КНИГА НАЈДОБРО КАЖУВА КОЛКУ ЧЕСТО МЕ НЕМАЛО ДОМА ПОРАДИ СПОРТСКИ НАТПРЕВАРИ, КАЖА ЗОРАН МИХАЈЛОВ НА ПРОМОЦИЈАТА НА СВОЕТО ПРВО ДЕЛО„Спортски стории: записи, настани, сеќавања“ ја содржи целата историја на македонскиот спорт видена низ работата на Зоран Михајлов (Фото: Г. Конев)

    Педесет и пет години кариера, 16 олимписки игри, десетици светски, европски, медитерански и балкански првенства, цела историја на македонскиот спорт, непроценливо животно искуство се собрани во првото пишано дело на доајенот на спортското новинарство Зоран Михајлов, соодветно насловено „Спортски стории: записи, настани, сеќавања“.

    Во издание на „Арс ламина“, книгата беше промовирана во спортскиот центар „Борис Трајковски“ и беше очигледно дека кај голем број присутни разбуди носталгија по оние минати, славни времиња на спортот. А, колкава е почитта кон Михајлов можеше да се заклучи од тоа кој сè се појави на промоцијата: не само колеги новинари, туку и голем број спортски легенди и шампиони, кои веројатно сите ќе можат да се пронајдат во книгата, за која авторот кажа дека гледал да не биде преголема.

    Спортски и новинарски легенди дојдоа да му искажат чест на Михајлов (Фото: Г. Конев)

    „Ова е книга за македонската спортска историја и среќен сум што успеав да создадам едно вакво дело. Си мислев да не биде преголема, па некои материјали не влегоа во неа, што не значи дека се помалку важни. Ова е книга за мои контакти и присуства на големи натпреварувања, за сведоштва за успесите на македонските спортисти, кои, не во мал број, секогаш беа дел од југословенските репрезентации“, кажа Михајлов.

    Од атлетските патеки, преку весникот „Нова Македонија“ до Радио-телевизија Скопје и подоцна МРТВ, Михајлов е жива енциклопедија на спортот, што, конечно, мораше да се преточи во едно вакво дело. Тој посебно му се заблагодари на своето семејство, бидејќи поради работните патувања често го немаше дома, а неговата сестра зеде збор и откри како му помогнала кога првпат требало да врши пренос од уметничко лизгање, спорт за кој ништо не знаел.

    Борењето зазема важен дел во кариерата и животот на Михајлов, па Шабан Трстена и Шабан Сејдиу заслужено се најдоа во прв ред (Фото: Г. Конев)

    „Му реков, само следи ја музиката и опишувај ги движењата што ги прават“, се присети таа.

    Покрај убавите моменти, кои многу често беа поврзани со борењето, Михајлов во книгата оддели простор и за трагедијата на Олимписките игри 1972 во Минхен.

    „Ден пред да се случи тоа, го замолив Буштур, нашата кошаркарска легенда, да ми купи патики ‘пума‘, бидејќи само спортисти можеа да ги купуваат. Наредниот ден беа нападнати израелските спортисти и деветмина беа убиени, меѓу кои и борачи, кои заедно тренираа со нашите. Нивните имиња се спомнати во книгата“, кажа Михајлов.

    Г. КОНЕВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира