14 патници загинаа, а 5-мина се борат за живот во тешката сообраќајна несреќа на автопатот Скопје-Тетово, кога автобус излетал и се превртел од кај село Ласкарци. Владата на вечерашната вонредна седница донесе одлука 14 и 15 февруари да бидат прогласени за денови на жалост поради загинатите, соопшти вечерва премиерот Зоран Заев. Тој рече дека бројот на загинати се зголемил на 14-мина.
Според најавата, Oпштина Гостивар утре треба да прогласи тридневна жалост.
Несреќата се случи вчера околу 17 часот на излезот од Скопје кон Тетово, а во автобусот на компанијата „Дурмо турс“ имало 50 патници. Од загинатите, седум починале на местото на несреќата, а останатите во болница.
Меѓу 14-те загинати е Јовица Трпевски (25), синот на пратеникот Благојче Трпевски од редовите на СДСМ од Гостивар, потврди портпаролот на СДСМ Костадин Костадинов.