ДЕЗИНФЕКЦИЈАТА НА ПСИХИЈАТРИСКАТА БОЛНИЦА „ДЕМИР ХИСАР“ Е ЗАВРШЕНА, ПОСТАВЕНИ СЕ МАМЦИ ЗА ГЛУВЦИ И ПАЦИЕНТИТЕ СЕ ЧИСТАТ ОД ВОШКИ И ГНИДИ

ДЕЗИНФЕКЦИЈАТА НА ПСИХИЈАТРИСКАТА БОЛНИЦА „ДЕМИР ХИСАР“ Е ЗАВРШЕНА, ПОСТАВЕНИ СЕ МАМЦИ ЗА ГЛУВЦИ И ПАЦИЕНТИТЕ СЕ ЧИСТАТ ОД ВОШКИ И ГНИДИДезинфекцијата, дезинсекцијата и дератизацијата се направени пред зададениот рок. - Психијатриската болница „8 Септември“; Потврдата за спроведена дезинфекција, дезинсекција и дератизација (Фото: СДК.МК)

Психијатриската болница „Демир Хисар“, каде по претставка од родител на пациент Државниот здравствен и санитарен инспекторат затекна епидемија од вошки, испрати известување дека веднаш по вонредниот надзор извршиле дезинфекција, со средство „дезинтак“, дезинсекција и дератизација од глувци со поставување и на мамци.

Инспекторатот вината за заразата со вошки, катастрофалната нехигиена во установата, со акцент на подот, санитарните јазли, душеците и постелнината ја адресираше до Министерството за здравство, а не кај раководството и персоналот на „Демир Хисар“. Условите за работа и пари за менаџирање на оваа болница со психички болни лица, зависат од Министерството за здравство и од државата.

„Одговорно тврдиме дека како Психијатриска болница ги преземаме сите активности со цел хигиената да биде на пристојно ниво, а кон пациентите ги преземаме мерките за нивен соодветен третман, за да се спречат различни појави со несакани последици по нивниот живот и здравје“, вели в.д. директорката Татјана Лозановска.

Условите за работа во оваа психијатриската болница со најтешко болни лица се ужасни. На шести февруари 30-на хигиеничари, болничари и друг административен излегоа на протести пред болничката капија, барајќи трајно вработување. Тие се и без пензиско и здравствено осигурување.

„Работам како болничар со договор на дело, исто работев и во периодот од 2005 до 2007 година. Истиот проблем го имавме, не го решија. Оваа установа не е за со договор на дело, тука треба со бенефициран стаж да бидат вработените, а не со договор на дело без осигурување. Ни ветија дека ќе ни дадат договор на определено, но тоа не се случи. Бараме некое решение, да ни тече стаж, да бидиме осигурани, ништо немаме, не ни следува ни одмор. Во оваа установа тука не се исплатува да се работи за 13.000 денари месечно“, кажа тогаш болничарот Игор Бошевски, а неговиот колега уште тогаш предупреди:

„Болницата ќе опстои и без нас, но ќе се засмрдат и ќе се вошлосаат внатре зашто има вработен само еден хигиеничар, а 16 сме со договор на дело. Пациентите се проблематични, измет има насекаде. А ние доаѓавме една година на ризик, можеше да нè удри некој, да нè повреди, а без осигурување бевме“, рече Ице Ѓоргиевски, хигиеничар во Болницата.

Директорката на Психијатриската болница Тања Лозановска тогаш кажа дека овие кадри ѝ се потребни на установата, хигиената мора да се одржува и дека се постојано на увид на Санитарната инспекција. Додаде дека има и пари и волја да се реши проблемот на лицата со договор на дело.

Ако Министерството даде зелено светло за неопределено, така ќе постапиме, зашто установата има потреба од овие луѓе и не треба да има вработени од прв и втор приоритет, им даде поддршка директорката.

Според документите што ги има Народниот правобранител, во установата нема доволни количини на шампон за чистење од гниди и вошки, како ни инсектицид „перметрин“ за третман на облеката на пациентите пред перење. Вработениот бербер располага само со еден прибор за стрижење. Последната направена дезинфекција и дератизација во психијатриската болница во Демир Хисар била направена на 12 јули 2018. На хроничните одделенија 4 и 8 хигиената и состојбата во тоалетите е катастрофална, подната облога оштетена, па не дозволува ни чистење ни дезинфекција. Инвентарот, душеците, перниците и ќебињата се стари.

Инспекторатот за сета оваа затекната состојба дал наредби со мерки, кои ЈЗУ Психијатриска болница во Демир Хисар мора да ги спроведе во рокови. Бидејќи инспекторите при вонредната посета, од разбирливи причини, не можеле да ги потврдат забраните и заканите кон пациентите да раскажуваат за вошките, наложено му е на директорот деновиве да заседава Комисијата за етички прашања. Шампоните, приборите за стрижење и средствата за хигиена Инспекторатот најавил да се набават веднаш, генерално чистење на хроничните одделенија исто така веднаш, заштитна подна подлога, замена на душеци и друго, до 31 март, а дезинсекција на установата до први април.

Ова решение му е испратено на Министерството за здравство. Државниот санитарен и здравствен инспекторат му напишал на Министерството дека жалбата против ова решение не го одлага извршувањето.

Дезинфекцијата, дезинсекцијата и дератизацијата се направени пред зададениот рок. Народниот правобранител сега преку Инспекторатот следи како се спроведуваат останатите мерки.

С. К. ДЕЛЕВСКА


Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира