РОДНИНИТЕ НА ФУНКЦИОНЕРИТЕ И ОД СЕГАШНАТА, НО И ОД ПОРАНЕШНАТА ВЛАСТ ДА СЕ ПОВЛЕЧАТ, ВЕЛИ МАНЧЕВСКИ

    Министерот за администрација и информатичко општество Дамјан Манчевски јавно ги повика вработените во администрацијата, кои се во роднински врски со поранешни и сегашни функционери сами да се повлечат и најави дека сите податоци ќе ги достави до Државната комисија за спречување ма корупцијата (ДКСК).

    Одговарајќи на новинарско прашање по најавите од премиерот Зоран Заев дека до крајот на неделата ќе ги соберат податоците од институциите за вработувања по роднински и партиски врски Манчевски рече:

    „Ги повикувам и тие од власта и тие од опозицијата, кои ги има илјадници, сами да се повлечат. Сите податоци ќе ги доставиме до Државната комисија за спречување на корупцијата која ќе одлучува по нив“, рече Манчевски.

    На забелешката од новинарите зошто тоа досега не е направено, бидејќи владата е скоро 1,5 година на власт и дека со ваков став излегуваат дури откако излегоа во јавноста обвинувањата од опозицијата за вработувањата од актуелната власт, Манчевски рече:

    „Како опозиција во јавноста изнесувавме информации за роднински и партиски вработувања, и јавноста не беше толку гласна како сега, ниту пак тогашното раководство некако реагираше. Државната комисија за корупција исто така не презема многу мерки, па комисијата ја имаше, па ја немаше… Сега има нов состав на Комисијата, до која ќе бидат доставени сите податоци и ќе може да одлучува“, рече Манчевски.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира