Лулашки и други реквизити се прават од гумите кои Општина Карпош ги заплени во населбата Нерези мината недела. Од Зоолошката градина велат лулашките од гуми ќе бидат за живеалиштата на мајмуните, додека други реквизити од нив се прават за тигрите и јагуарот.
„Добивме 60 гуми од Општина Карпош, кои ќе ги искористиме за разубавување на живеалиштата. Од наредната недела во градината ќе пристигнат и уметничките инсталации на диносауруси кои се наоѓаа во моментов во паркот во Автокоманда. На лице место уметникот Андреј Миневски ќе прави инсталација на диносаурус во Зоолошката, кој ќе биде долг 12 метри и посетителите ќе можат да видат како се прави“, вели Ѓорѓи Галетановски, директор на Зоолошката градина.
До 30 март отворен е конкурсот за разубавување Зоолошката на кој може да се пријават уметници, графити уметници, скулптори кои би ги цртале ѕидовите, патеките и би правеле реквизити за животните. До сега се пријавиле 20 уметници и скулптори.
А. АНТЕВСКА