За две недели се очекува да биде објавен тендер за реконструкција на електростатските филтри во РЕК Битола со што ќе се намали испуштањето на ПМ 10 и ПМ 2,5 честичките во воздухот, најави Радмила Шекеринска, заменик претседател на Владата и министер за одбрана на трибина во Битола кога од граѓаните беше запрашана што ќе прават со загадувањето.
„За околу две недели се очекува да излезе тендерот за набавка на филтрите. Обезбедени се пари. Некаде околу 20 милиони евра инвестиција ќе биде во подобра животна средина. Тоа нема да биде единствена инвестиција. Ние сме во трка со загадувањето зашто знаеме колку голема цена плаќа нашето здравје за сметка на таквото производство. Очекуваме следната година да стартува рудникот Живојно. ЕЛЕМ веќе се подготвува за таканаречената енергетска транзиција. Од целосна зависност од јаглен да се движи кон обновлили извори. Таа транзиција нема да биди лесна, нема да биди преку ноќ, но веќе очекуваме инсталирање на 20 мегавати соларна енергија во рамки на комплексот на РЕК и практично полека, но сигурно да транзитираме од чист јаглен во гас и обновливи извори“, рече Шекеринска.
На трибината „Фер општество-шанса за сите“ таа најави и дека во завршна фаза се преговорите меѓу двете Министерства за надворешни работи, на нашата земја и Грција, за отворање на граничниот премин Маркова нога.
„Фактот дека договорот од Преспа беше токму таму потпишан мислам дека ќе донесе голема поддршка за целиот регион и ќе значи отворена врата кон ЕУ за целиот овој регион за жителите, малите бизниси и тоа го гледаме како многу важен проект. Не случајно Европската Унија рече за таму ќе обезбедат дополнителни пари. Сакаат со дела и со пари да покажат дека политиката на добрососедства дава резултати. Да покажеме како со Бугарија, ете за шест месеци по потпишување договорот има 20 проценти зголемување на трговијата“, рече таа.
На трибината присуствуваше и министерот за финансии Драган Тевдовски кој додаде дека и Царината веќе работи за воспоставувањето на овој граничен премин да биде што побрзо.
Тевдовски уште рече дека до крајот на годината ќе се почне со изградба на пречистителна станица на отпадни води во Битола, проект вреден 28 милиони евра, од кои 21 милион евра ќе бидат грант од ЕУ, а ќе опслужува 113.000 граѓани. Станицата ќе се заврши до 2021 година.
Ж. ЗДРАВКОВСКА