Во кавга пред исклучени микрофони и сценарио кое на никого не му беше јасно, што почна на 3 минути пред полноќ и траеше дури истече рокот за гласање, претседателот на Собранието Талат Џафери ја прекина собраниската седница и воопшто не се гласше за симнување на имунитетот на осомничениот пратеник Трајко Вељаноски. Поранешниот претседател на Собранието Вељаноски е еден од шестемина осомничени за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста во најновата истрага на Обвинителството за организиран криминал за нарачување и организација на нападот на Собранието на 27 април 2017, и за него се бара притвор поради можност за бегство и влијание врз сведоци.
Кавгата на Талат Џафери со пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, а потоа и со пратеникот Мухамед Зекири од СДСМ го проби полноќниот рок за гласање, и во 2 минути по полноќ Џафери налутен рече „ја затворам седицата“ и си замина од претседателскиот пулт. Никому не му беше јасно зошто Џафери дозволи да биде пробиен рокот и да не ја стави на гласање точката за одземање на имунитетот на Вељаноски.
„Стави ја точката на гласање, почнувај да читаш, време е, што ти е човеку, дај да гласаме“, му викаа пратениците од клупите на Џафери“.
Пратенциите од СДСМ викаа „Да живее коалицијата ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, таа е жива и ќе живее. Срамота и брука е ова што се случи“.
Оние кои седеа во клупите поназад прашуваа што се случи, што беше кажано во кавгите со исклучени микрофони, бидејќи Џафери го исклучи својот неколку минути пред да ја прекине седницата. Исто така, и новинарите ги прашуваа нив, и така остана мистерија што беше причината Џафери да пушти да истече рокот и Вељаноски да се спаси.
По целодневни консултации на Џафери со собраниските служби, седницата почна во 21.30 часот.
Пратенциите од ВМРО-ДПМНЕ си заминаа задоволни. Претходно, како што се ближеше полноќ, нивниот кординатор Никола Мицевски постојано бараше паузи, мавтајќи со деловникот в рака, затоа што тоа било негово деловничко право, иако имаше 28 пријавени дискутанти за збор.
Џафери им даде 2 пати пауза, последната беше на 10 минути пред полноќ, кога ги викна координаторите на пратеничките групи на куса координација. Кога се вратија почна кавгата, исклучувањето на микрофоните, за јавноста па дури и пратениците внатре да не дознаат како се случи да истече рокот и седницата се прекина. Како во последните 10-на минути, така и откако Џафери си замина низ неговата врата зад пултот, пратениците викаа на сиот глас, се караа кој меѓу себе, кој со Џафери од место, а тие кои седеа поназад викаа „луѓе што се случува?“.
Вељаноски не дојде на седницата, а Џафери на почетокот го прочита како оправдано отсутен, но не се знае зошто беше отсутен. Вељаноски во петокот присуствуваше на Комисијата за мандатно-имунитетни прашања, каде 15 минути образложуваше зошто не треба да му биде симнат пратеничкиот имунитет. Комисијата со 4 гласа „за“ спрема 4 „против“ не донесе одлука за одземање на имунитетот. Во моментот на гласањето доцна во саботата навечер не беше приустен пратеникот Агим Шаќири од ДУИ, кому му се слошило и бил задржан во болница.
Во истрагата за организаторите на нападот на Собранието осомничени нарачатели се и поранешниот премиер Никола Груевски и разузнавачот Никола Бошковски кои се во бегство, поранешниот министер Миле Јанакиески, кој од петокот е во домашен притвор, поранешниот министер Спиро Ристовски кој е во притвор и ексдиректорот на УБК Владимир Атанасовски, кој исто така е во притвор.
Во четвртокот, Ристовски и Јанакиески беа дел од инцидент во затворот во кој обајцата биле нападнати. Случајот го испитуваат надлежната полициска станица и Народниот правобранител. По инцидентот директорот на затворот во Шутка Ѓоко Котевски си даде оставка. Извештајот за инцидентот треба да биде готов денеска.
С. К. ДЕЛЕВСКА