ЌЕ СЕ КОРИГИРА ПРОЕКТОТ ЗА ЗЕЛЕН ПОКРИВ НА ГТЦ, НАЈАВИ ШИЛЕГОВ ПО РЕАКЦИИТЕ НА АРХИТЕКТИТЕ

    ЌЕ СЕ КОРИГИРА ПРОЕКТОТ ЗА ЗЕЛЕН ПОКРИВ НА ГТЦ, НАЈАВИ ШИЛЕГОВ ПО РЕАКЦИИТЕ НА АРХИТЕКТИТЕПо реакциите на архитектите дека немало конкурс за идејно решение за зелената градина на ГТЦ и дека според постојниот проект има многу бетон, Здружението на архитекти на Македонија и Архитектонскиот факултет ќе се вклучат во коригирање на проектот.- Шилегов и претставничката на УНДП Сахакјан на презентацијата на проектот на 19 февруари. (Фото: Град Скопје)

    Ќе се коригира проектот за зелен покрив на Градскиот трговски центар, најави денеска градоначалникот Петре Шилегов. По реакциите на архитектите дека немало конкурс за идејно решение за зелената градина на ГТЦ и дека според постојниот проект има многу бетон, Здружението на архитекти на Македонија и Архитектонскиот факултет ќе се вклучат во коригирање на проектот.

    „Идејниот проект за изгледот беше доставен од ГТЦ како трета страна во проектот. Град Скопје учествува во овој проект преку обезбедување на средствата, а УНДП ја спроведе постапката. Имајќи предвид дека имаше извесни реакции во јавноста, веќе стапивме во контакт со архитектите и во рамките на законските можности и правилата определени од УНДП, преку „Скопје урбан центар“ каде што се членки Здружението на архитекти и Архитектонскиот факултет ќе бидат извршени определи корекции на проектот согласно нивното мислење. Ја почитуваме волјата на фелата и во оваа фаза ја вклучуваме, иако ние како Град ниту сме влијаеле ниту сме изработиле идејно решение. За мене како градоначалник е важно што на нашите сограѓани ќе им дадеме нова јавна површина која досега беше руинирана. Сите се сложуваат дека статиката е соодветна и на никаков начин не се нарушува функционалноста и изгледот на ГТЦ како едно од важните обележја на нашиот град“, рече Шилегов.

    На 19 февруари градоначалникот Петре Шилегов, постојаната претставничка на УНДП Нарине Сахакјан и директорот на ГТЦ Ѓоко Трајчевски го претставија проектот за зелен покрив, кој што беше ветување во предизборната кампања на Шилегов. Според проектот, на површина од 1.800 метри квадратни ќе бидат засадени 29 висококвалитетни дрвја и повеќе од 30 други видови садници. Ќе бидат поставени неколку водени зони во форма на фонтани и базени, монтажна бина, партерно шаховско поле, кафуле, како и модерна урбана опрема од клупи, корпи за отпадоци и паркинзи за велосипеди.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира