Инспекцискиот совет дава изјави за медиуми само ако се достави барање за пристап до информации од јавен карактер. Со оваа пракса без преседан во работата на државен орган со која е загрозува слободата на информирањето, се соочи дигиталната редакција САКАМДАКАЖАМ.МК кога вчера побара изјава од Инспекцискиот совет за дивоградбите на кањонот Матка, односно дали нивни инспектори излегле на терен, што утврдиле и какви мерки ќе бидат преземени во однос на Општина Сарај која не само што не ги урива дивоградбите во Сарај, туку молчи за дивеењето во ова заштитено подрачје.
Претседателка на Инспекцискиот совет е Магдалена Филиповска-Грашкоска.
Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов вели дека Градот нема ингеренции за уривање на дивата платформа на Матка, ниту да ја натера Општина Сарај да интервенира, па затоа испратиле пријава до Инспекцискиот совет. Во пријавата од Град Скопје е наведено дека за кањонот Матка нема поднесено барање за поставување урбана опрема, не е издадено било какво одобрение, ниту пак може да се издаде бидејќи е заштитено подрачје.
Инспекциски совет е самостоен државен орган кој Владата го формираше во јануари 2014. Има претседател и членовите кои се избираат по пат на јавен конкурс, а ги разрешува Владата. Советот е формиран за унапредување на капацитетот на инспекциските служби за заштита на владеењето на правото, заштита на правата на граѓаните, заштита на животот и здравјето на луѓето, заштита на конкурентноста.
На телефонскиот број оставен како контакт на Инспекцискиот совет нѐ поврзаа со лицето задолжено за комуникација со медиуми, кое ни рече дека треба да пополниме барање за пристап до информации од јавен карактер и нѐ упати на формуларот кој го има на нивната веб страна. Потоа добивме објаснување како да го пополниме и да наведеме податоци кое лице и за кој медиум бара одговор на прашањата.
Нашето инсистирање и објаснување дека потребна ни е изјава дали инспекторите излегле на терен и што ќе преземат тие за дивоградбата на Матка и непостапувањето на Општина Сарај, и дека вообичаена пракса во сите институции е одговорот да се добие усно или на прашања испратени по е-пошта, не даде резултат.
„Не знам како работат другите институции, но ние работиме на овој начин. Пополнето го барањето, испратете го и ќе ви одговориме“, ни рече лицето задолжено за комуникација со медиуми во Инспекцискиот совет кое не се претстави со име и презиме.
Според Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, „имателот на информацијата е должен веднаш да одговори по барањето на барателот, а најдоцна во рок од 30 дена од денот на приемот на барањето“.
- НА МАТКА СЕ ГРАДАТ НОВИ ДИВИ ПЛАТФОРМИ, ВЛАСТА СЕ ПРАВИ НАУДРЕНА И НЕ ГИ УРИВА
-
ШИЛЕГОВ ЌЕ БАРА ОПШТИНА САРАЈ ДА ЈА УРНЕ ДИВАТА ПЛАТФОРМА НА МАТКА
-
ДИВА ПЛАТФОРМА ЗА КАФЕАНА НИКНА НА МАТКА, ГРАД СКОПЈЕ НЕ ЗНАЕ ШТО Е, ОПШТИНА САРАЈ НЕ КАЖУВА
Јулијана Силјановска е в. д. член на Инспекцискиот совет надлежен од областа на надзор на пазарот, работните односи и безбедност и здравјето при работа, Методија Димовски – в.д. член надлежен од областа на животна средина и заштита на здравјето на луѓето, Ресул Шемо – в.д. член надлежен од областа на градежништво, урбанизам и транспорт, Фитим Лога – член надлежен за областа на земјоделство, шумарство, ветеринарство и безбедност на храната, Горан Симоноски – в.д. член за образование, наука и култура и Благоја Гешоски – в.д. член надлежен од областа на управа.
Одговор за дивоградбите на Матка два дена не добивме ниту од Државниот испекторат за градежништво и урбанизам, каде директор e Локман Љимани. Од Министерството за транспорт и врски на нашето прашање дали ќе се одземат ингеренциите на Општина Сарај, ни рекоа дека во понеделникот доставиле барање до Државниот испекторат да достави извештај и да предложи какви мерки ќе преземат.
А. АНТЕВСКА