Белгиската фудбалска репрезентација вечерва (21ч.) во Лил игра против Велс во четврт-финалето на Европското првенство во Франција и навивачите на „црвените ѓаволи“ почнаа кампања на социјалните мрежи во обид да најдат сместување за ноќта по натпреварот.
Користејќи го хаштагот „Посвој Белгиец“ (#AdopteUnBelge), белгиските навивачи бараат место да преспијат од жителите на Лил, француски град на само 20 километри од границата со Белгија.
Помеѓу градовите од двете страни на француско-белгиската граница традиционално постои пријателство и, благодарение на социјалните мрежи, дел од гостинските навивачи ќе можат поевтино да поминат. Белгијците беа домаќини на француските навивачи на Европското првенство во 2000 година, кога Франција стана европски шампион.
Во Лил и околните места се очекува да пристигнат околу 150.000 белгиски навивачи, иако само 12.000 имаат карти за натпреварот на стадионот „Пјеро-Моро“, којшто е со капацитет од 50.000 места.