Доналд Трамп и Ким Џонг-Ун предвреме го прекинаа својот втор самит во Ханој откако не успеале да постигнат договор. Поради неуспехот на преговорите, двајцата лидери порано си заминаа од Виетнам и ја откажаа планираната церемонија на потпишување договор.
Портпаролката на Белата куќа Сара Саундерс изјави дека тие имале многу добар и конструктивен разговор и дека имаат намера повторно да се сретнат во иднина, без да прецизира термин.
Трамп кажа дека Ким си заминал откако не било прифатено неговото барање САД целосно да ги укинат санкциите кон Северна Кореја во замена за денуклеаризација.
„Понекогаш едноставно треба да си заминеш“, им кажал Ким на новинарите.
Тој, сепак, ветил дека нема повторно да почне да тестира проектили.
„Му рековме на Ким дека мора да направи повеќе, но тој не беше подготвен за тоа“, изјави државниот секретар на САД, Мајк Помпео.
Конвоите на двајцата лидери го напуштија хотелот „Метропол“ во Ханој во рок од неколку минути откако беа откажани ручекот и церемонија на потпишување договор.
„Имавме продуктивен состанок, но не беше вистински момент да се потпише нешто. Би сакал да можевме да продолжиме, но останувам оптимист. Во прашање беа санкциите. Тој сакаше ние целосно да ги тргнеме, но не сме подготвени за тоа. Ким, сепак, вети дека нема повторно да почне со тестирања. Се надевам дека повторно ќе се сретнеме“, изјави Трамп.