Објавен е првиот тендер за изградба на прочистителна станица во Битола, која треба да го реши проблемот со екстремната загаденоста на реката Драгор, Петтиот канал и со другите отпадни води. Од Општината велат дека наскоро ќе следува и тендерска постапка за изградба на станицата. Проектот ќе биде во две фази: првата за проектирање и изградба на станицата за отпадни води за агломерација Битола, а вториот за изградба и реконструкција на колекторски систем.
Се предвидува дека новата станица до 95 проценти ќе ги исчисти водите од Петтиот канал, кој е еден од најзагадените во Пелагонија. Во него се влеваат дел од градската канализација и индустриските отпадни води. За штетата да биде поголема, со загадената вода неретко се наводнуваат земјоделските површини.
Исто така, прочистителната станица ќе треба да ја спаси од загадување и реката Драгор, каде, според податоците од Локалниот еколошки акционен план, количината на канализациона вода е двапати поголема од количината на чиста водa.
„Општина Битола од сопствениот буџет обезбеди средства за експропријација на земјиштето. Изградбата се планира да биде завршена за две години, по што ќе следува едногодишен период на пробно ставање во функција“, велат од Општина Битола.
Проектот за изградба на прочистителна станица во Битола ќе започне годинава, а средствата во најголем дел се обезбедени преку фондовите на ЕУ, изјави министерот за финансии Драган Тевдовски при последната посета на Битола.
„До крајот на годината ќе започне изградбата на прочистителна станица за отпадни води во Битола, проект од 28 милиони евра, а ЕУ преку ИПА програмата ќе додели грант од 21 милион евра. Пректот е координиран преку Министерството за финансии, а прочистителната станица ќе опслужува 113.000 жптели. Исто така, има и други фази во овој проект, па во Битола ќе се изгради нова канализациона мрежа од девет километри и ќе се реконструира канализациона мрежа од 13 километри“, рече Тевдовски.
Ж. ЗДРАВКОВСКА