„Адвокатка“ на дебитантите Рејчел Леа Џонс и Филип Белаш освои Златен Александар и 8.000 евра на 21. Солунски фестивал на документарци што заврши синоќа. Филмот е за исклучителниот живот и кариера на Леа Цемел, која 50 години на суд е бранителка на Палестинци, и тоа без предрасуди – од феминистки до фундаменталисти, од ненасилни демонстранти до вооружени милитанти. Цемел беше фестивалското изненадување оти ненајавено дојде на премиерата на филмот.
„Адвокатка“ ја освои и наградата на критичарите ФИПРЕСЦИ.
Специјалната награда на жирито и 2.000 евра освои автобиографскиот документарец „Полноќен патник“ на авганистанскиот режисер Хасан Фазили, кој го документирал неговото бегство од Авганистан откако талибанците сакале да го убијат. Тој заедно со сопругата и двете мали ќерки морал да патува ноќе, низ непознати предели, и во филмот од прва рака ги покажува опасностите со кои се соочуваат бегалците.
Наградата на Амнести интернешенел ја осови „#Женско задоволство“ на швајцарската авторка Барбара Милер, која низ приказните на 5 жени од пет континенти го открива кршењето на нивните човекови права засноано само врз фактот дека се жени.
М. КОСТОВА