Охридските пожарникари 14 години немале толку интервенции колку во првите три месеци од годинава. Гореа куќи, автомобили, трскa, земјоделски насади.
„Територијалната противпожарна единица имала рекордни 135 интервенции во успешно гасење на пожарите, на територијата на општините Охрид и Дебрца. Од нив, 70 интервенции биле на опожарени објекти, 71 на гасење пожари на отворен простор и 4 интервенции на опожарени сообраќајни средства. Бројот на интервенции за овој период од годината е највисок за последните 14 години и во најголем број случаи е резултат на небрежност и непочитување на законските одредби“, велат од локалната власт во Охрид.
Охриѓани најмногу беа вознемирени од палењето на возила во строгиот центар на градот.На 14 февруари изгореа три приватни коли. Масовното палење на трската на охридското крајбрежје во правец на Струга ги загрижува жителите од блиските населби, а палежите близу пистата на Охридскиот аеродром се опасност и за авионите кои тука слетуваат.
Сепак, иако палењето на отворено е казниво со закон, никој досега не е ниту фатен ниту казнет. Казните се 6.000 до 8.000 евра за правни лица и од 1.500 до 3.000 евра за физички лица, а освен казната, сторителот ќе треба да ја надомести и штетата.
Д. ЧУБРИЌ