Полицијата на Нов Зеланд кажа дека бројот на жртвите во терористичкиот напад врз две џамии во Крајстчрч се зголемил на 49. Има еден обвинет кој утре ќе биде изведен пред суд, рече шефот на полицијата, но не кажа дали истото обвинет ги извел обата напада.
Човекот кој презеде одговорност за нападот рече дека е 28-годишен Австралиец, а своите антиимигрантски мотиви ги опишал во манифест на 74 страници. Тој кажал дека дошол во Нов Зеланд специјално за да се подготвува за овој напад, а дека мотивот му бил да покаже дека и „најзафрленото место на светот не е слободно од мигранти и бегалци“.
Напаѓачот го пуштил нападот на Фејсбук во живо, снимајќи со камера поставена на главата. Снимките покажуваат како одблиску пука врз мажи, жени и деца внатре во џамијата. Полицијата побара јавноста да не ги споделува екстремно потресните снимки. Фејсбук кажа дека ги избришал фејсбук и инстаграм профилите на напаѓачот и дека работи на тоа да ги симне сите снимки од Интернет.
Австралискиот премиер Скот Морисон претходно рече дека еден од уапсените е Австралиец, за кого кажа дека е „екстремено десничарски насилен терорист“.
Полицијата претходно кажа дека се уапсени тројца мажи и една жена.
Исто така, пронајдени се две експлозивни направи во една кола, кои се деактивирани.
Над 20-мина се тешко повредени во пукотниците во две џамии полни со верници на петочна молитва во Крајстчрч, Нов Зеланд. Премиерката на Нов Зеланд Џасинда Ардерн рече дека инцидентите се терористички напад, еден од „најцрните денови“ во земјата. Расистичкиот напад бил темелно планиран.
Ардерн алудираше дека можен мотив за нападот е антиимигрантското чувство и рече дека е можно многу од загинатите да се мигранти или бегалци.
„Тие ги избрале Нов Зеланд за свој дом, и ова е нивни дом. Тие се наши. Лицето кое го изврши ова насилство врз нас не е наш“, рече премиерката.