БЕШЕ ГОЛЕМ ПРЕДИЗВИК ДА СЕ НАПРАВИ ОВА, ВЕЛИ ЅВОНКО РИСТЕВСКИ, ГРАДИТЕЛ НА СОНЧЕВИОТ ЧАСОВНИК ВО БИТОЛА ВИСОК 6 МЕТРИ

    БЕШЕ ГОЛЕМ ПРЕДИЗВИК ДА СЕ НАПРАВИ ОВА, ВЕЛИ ЅВОНКО РИСТЕВСКИ, ГРАДИТЕЛ НА СОНЧЕВИОТ ЧАСОВНИК ВО БИТОЛА ВИСОК 6 МЕТРИРистевски работел според проектот на израелскиот уметник Мати Грумберг и му требале месец и половина да го изгради (Фото: СДК.МК)

    Сончевиот часовник, што ќе се поставува на Еврејските гробишта во Битола, го изгради градежниот инженер Ѕвонко Ристевски. Висок шест метри и со дијаметар од девет метри, тој е направен од два тони железо и од 90 монтирани делови.

    Ристевски работеше според проектот што го подготви и во вид на цртежи и макети му го испрати познатиот уметник Мати Грумберг од Израел, последното Еврејче родено во земјава пред самата депортација кое го преживеало Холокаустот. Со овој споменик, гробиштата во Битола ќе станат Парк на живи сеќавања, а часовниот, кој има жолта боја, како ѕвездата што ја носеле Евреите за време на Втората светска војна, ќе биде зрак светлина.

    „Ова е предизвик да се направи. Не е едноставно. Јас го добив како цртеж и макета, па ги правев деловите. Беа потребни месец и половина да се изработaт, а за да се монтираат, една недела. Ги направивме во фирмата ‘Пет Битола’ и потоа со вилушкар го монтиравме, за да може еврејската делегација да направи увид. Дојде и астролог од Америка и го постави свртен кон ѕвездата Северница“, раскажува Ристевски.

    Часовниот ќе го мери времето од седум часот наутро до 17 попладне, односно додека има сонце. Сенка од една цевка ќе паѓа на броевите монтирани во горниот дел. За да се постави на Еврејските гробишта, треба да се доврши постаментот.

    „На Еврејските гробишта ќе може да се однесе само со трактор. Треба да биде расклопен на делови помали од четири метри, да се извадат сите штрафови и сите делови кои ги има околу 90. Таму ќе мора скеле да се постави за да се монтира“, додава Ристевски.

    Грумберг, кој го проектираше часовникот, бил роден во скопско село на 4 март 1943 година, само неколку дена пред депортацијата.

    „Таму имаше христијанско семејство со млин за брашно. Татко ми беше инженер и му рекоа ‘доколку успеваш да го одржуваш млинот да работи и да меле брашно, ќе бидеш наш работник и ќе те сокриеме’. И така се спасивме. По војната заминавме за Израел“, раскажа Грумберг при посета на Битола.

    Досега по негови проекти се поставени вакви часовници во Ерусалим и Њујорк, но со помали димензии.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира