Во Италија се одвива истрага за убиство по смртта на мароконска манекенка, која сведочеше против поранешниот италијански премиер Силвио Берлускони. Имане Фадил (33) почина на 1 март во болница во Милано, еден месец откако беше примена со болки во стомакот. Таа тврдеше дека е отруена. Италијанските медиуми објавија дека таа можеби била отруена со радиоактивна супстанца.
Фадил беше клучен сведок против Берлускони, кој беше обвинет дека плаќал за секс со малолетна проститутка. Берлускони (82) првично беше осуден, но пресудата падна на Апелационен суд. Тој подоцна беше осуден за даночна измама, но поради возраста помина со општествено корисна работа.
Берлускони за смртта на Фадил кажа: „Секогаш е жално кога ќе почине млада личност. Јас никогаш не сум ја познавал, ниту сум зборувал со неа. Сите нејзини изјави за мене се измислени, апсурдни“.
Италијанските медиуми, исто така, објавија дека Фадил, редовна гостинка на секс забавите на Берлускони, познати во италијанската јавност како „Бунга Бунга“ забави, пишува книга за нејзините искуства и дека обвинителството што ја истражува нејзината смрт има копија од она што го имала напишано.