ОСУМТЕМИНА ОТЦЕПЕНИ ВМРОВЦИ ЌЕ ЈА РЕШАТ СУДБИНАТА НА СЈО, И ЗАЕВ И МИЦКОСКИ ВО ЛОВ НА НИВНИТЕ ГЛАСОВИ

    ОСУМТЕМИНА ОТЦЕПЕНИ ВМРОВЦИ ЌЕ ЈА РЕШАТ СУДБИНАТА НА СЈО, И ЗАЕВ И МИЦКОСКИ ВО ЛОВ НА НИВНИТЕ ГЛАСОВИСо новиот Закон за јавно обвинителство треба да се реши статусот на СЈО. - Зоран Заев; Катица Јанева; Христијан Мицкоски (Фото: СДК.МК)

    По застојот во преговорите меѓу власта и ВМРО-ДПМНЕ за Законот за Јавно обвинителство со кој треба да се реши статусот на Специјалното јавно обвинителство, клучни за двотретинското мнозинство за реформскиот закон се осумтемина пратеници кои се отцепија од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

    Премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев денеска во Куманово кажа дека Министерството за правда започнало преговори со помалите парламентарни групи за да обезбеди двотретинско мнозинство во Собранието за поддршка на Законот за Јавно обвинителство. Зборувајќи на трибината „Фер општество – шанса за сите“, рече дека Европската Унија гледа со будно око за неговото донесување.

    „Денеска Министерството за правда почна разговори и со помалите парламентарни групи, но јас не верувам дека е пропаднат разговорот со најголемата партија ВМРО-ДПМНЕ, заради тоа што колку што знам, принципите за кои се залагаат се прифатени или веќе имплементирани во делот на нашето законодавство, дел се од предхопдната власт, дел и од оваа власт, за да можеме да дадеме позитивен пас за да можеме да невлеземе во суштината и во структура на самите разговори, јас верувам дека е возможно сите заедно да застанеме зад едно квалитетно решение, во кои прво политичките чинители ќе имаат доверба, а потоа и секако и граѓаните, затоа што има сериозен импакт во борбата против криминалот и корупцијата во државата, но и во средување на правните норми во нашата земја. Од тој аспект верувам и се надевам дека може низ разговор да се постигнат решенија зад коишто би застанеле сите“, изјави Заев.

    Истовремено, во Собранието имаа средба Христијан Мицкоски и осумтемина пратеници од Независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, на барање на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. Во официјалното соопштение на пратеничката група, се вели дека средбата се разговарало за актуелната политичка состојба, ставовите за реформските закони и идните предизвици за Македонија. Неофицијално, Мицкоски побарал од осумтемина пратеници да се приклучат на барањата на неговата партија во однос на Законот за јавно обвинителство.

    ВМРО-ДПМНЕ бара Катица Јанева и нејзиниот тим да не бидат во новиот состав на СЈО и да престанат сите истраги покренати по 30 јуни 2017, што практично значи амнестија.

    Неколку земји од ЕУ се закануваат дека нема да има датум за почеток на пристапните преговори, ако не се реши статусот на СЈО и не се расчистат криминалите од прислушуваните разговори.

    Членови на Независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ се Елизабета Канческа-Милевска, Емилија Александрова, Нола Исмајлоска-Старова, Сашо Василевски, Љубен Арнаудов, Крсто Мукоски, Зеќир Рамчиловиќ и Владанка Авировиќ, кои гласаа за уставните измени.

    М. ИЛИОСКИ

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира