ДУРИ И ДА СЕ ОДЛОЖИ ПРЕПОРАКАТА ЗА ПРЕГОВОРИ СО ЕУ, ЗАКОНОТ ЗА СЈО СО СТРАНСКИ ПЕЧАТ ЌЕ СЕ ДОНЕСЕ, ВЕЛАТ ОД ВЛАДАТА

    ДУРИ И ДА СЕ ОДЛОЖИ ПРЕПОРАКАТА ЗА ПРЕГОВОРИ СО ЕУ, ЗАКОНОТ ЗА СЈО СО СТРАНСКИ ПЕЧАТ ЌЕ СЕ ДОНЕСЕ, ВЕЛАТ ОД ВЛАДАТАПродолжуваат сите истраги на СЈО почнати по 30 јуни 2017. Тие главни одредби се одобрени и заверени од Европската комисија и од Венециската комисија, поддржани од САД и нив нема да може да ги измени актуелната власт од СДСМ и од ДУИ и да сака. - Јавниот обвинител Љубомир Јовески и специјалната обвинителка Катица Јанева (Фото: Ѓ. Личовски)

    Кога ВМРО-ДПМНЕ ќе достави конкретни амандмани на Законот за Јавно обвинителство, тогаш ќе има нова средба за да се разгледаат, кажа министерката за правда Рената Дескоска во петокот, а дотогаш СДСМ ќе продолжи да бара поддршка од уште неколку пратеници од опозицијата за да го осигура двотретинското мнозинство за овој закон, со кој се продолжува работата на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) и иднината на почнатите истраги, велат владини извори за САКАМДАКАЖАМ.МК.

    „Апстрактни дебати за толкување на принципи во овој момент значат губење време, а временските рокови нè газат. Закон за Јавно обвинителство со одредба согласно нивното барање, сите постапки кои не се отворени до 30 јуни 2017 да престанат и сите докази да паднат во вода, би значело амнестија. За тоа простор во законот нема“, изјави Дескоска по последната меѓупартиска средба на 22 март, кога ВМРО-ДПМНЕ побара и реизбор на целиот актуелен состав на СЈО, нешто што е и предвидено во предлог-законот, само етапно.

    Роковите што газат, се роковите за добивање позитивна препорака од Европската комисија за почеток на преговорите на Македонија со ЕУ. ЕК ја услови државава дека без регулирање на статусот на СЈО со Законот за јавно обвинителство, без обезбедување на неговото постоење и натамошно функционирање, нема позитивна препорака за Република Северна Македонија.

    Основите на законот, со кои СЈО се припојува кон редовното Јавно обвинителство со автономија, буџет и видови криминал од највисоката корупција, дека пред Врховен суд предметите ќе му ги застапува Републичкото обвинителство, а Специјалниот обвинител ќе биде контролиран од државниот, да не се корумпира со чување и заташкување на предметите од највисока корупција, практично е со печат на меѓународната заедница.

    Продолжуваат сите почнати истраги на СЈО, по 30 јуни 2017. Тие главни одредби се одобрени и заверени од Европската комисија и од Венециската комисија, поддржани од САД и нив и да сака да ги измени актуелната власт од СДСМ и од ДУИ, нема да може.

    Попрво ќе се одложи пишувањето на препораката на ЕК за земјава во јуни, ако не се изгласа Законот за Јавно обвинителство овој месец, отколку да нема СЈО и препорака, велат нашите извори. Одложувањето, според нив, би било за октомври 2019, ако сега во март не се донесе Законот за Јавно обвинителство.
    Холандија, која е една од најголемите поддржувачи и донатори на Македонија изминативе 25 години, принципиелно постојано инсистира дека, за да ги исполни условите за почнување претпристапни преговори со ЕУ, земјата мора да има суштински напредок во спроведувањето на реформите.

    „СЈО беше формирано како резултат на политички преговори во време кое беше навистина тешко за Македонија и кога довербата на граѓаните во правниот систем беше на многу ниско ниво. Иако се соочи со многу предизвици уште на самиот почеток од својата работа, успеа да постигне исклучителни резултати. Холандија ја поддржува работата на оваа институција, затоа што веруваме дека владеењето на правото е од клучна важност за функционирањето на која било држава и на Европската унија во целост. Владеење на правото значи дека законите треба да важат подеднакво за сите, и дека кој и да ги прекрши законите треба да одговара за тоа, без оглед на неговата или нејзината претходна, сегашна или идна политичка припадност или функција“, рече во ТВ интервју холандскиот амбасадор Ваутер Пломп.

    Измените на Законот за Јавно обвинителство во насока на решавање на статусот на СЈО никако не смеат да се прават така за одредени луѓе да се спасат од кривичен прогон, односно „да се протнат низ пукнатина“, рече американскиот амбасадор Џес Бејли на заминување од својата функција минатиот месец.

    „Тоа што веќе го кажавме и ние и другите меѓународни партнери е дека се фокусираме генерално на важноста на продолжување на оваа институција. Институционалните решенија може да се сменат. Она што е важно е прво, случаите за кои е поднесено обвинение да може да бидат завршени и ова не се брзи и лесни судења. Тоа е првата работа, дека мора да има завршница на тие случаи. Второ, да се задржат институционалните капацитети на СЈО, како соработката меѓу обвинителите со истражителите, специјализираните тренинзи, на пример, за откривање финансиски криминал и да продолжи нивната понатамошна примена. Независно дали СЈО ќе остане целосно независно од државното јавно обвинителство или ќе биде дел од Јавното обвинителство, тоа е втората работа. И третото е законот, измените на законот, да не бидат употребени за да се избегне одговорност кај функционерите. Измените на законот не смеат да бидат во насока за одредени луѓе да се протнат низ пукнатина“, кажа амбасадорот Бејли.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира