ОПШТИНА КУМАНОВО СЕ ПРОГЛАСИ НЕНАДЛЕЖНА ЗА ДУПКАТА ВО БАГРЕМ БАЊА И ГО ПРЕФРЛИ ПРОБЛЕМОТ НА ДРЖАВАТА

    ОПШТИНА КУМАНОВО СЕ ПРОГЛАСИ НЕНАДЛЕЖНА ЗА ДУПКАТА ВО БАГРЕМ БАЊА И ГО ПРЕФРЛИ ПРОБЛЕМОТ НА ДРЖАВАТАДупка со длабочина од 5-6 метри се отвори во петокот во дворот на семејството Азировиќ и надолу води кон скривница (Фото: СДК.МК)

    Општина Куманово нема да преземе никакви активности за заштита на имотот и безбедноста на жителите во населбата Багрем Бања, каде што се појави дупка, бидејќи подземниот објект е во надлежност на Република Северна Македонија. Од семејството Азировиќ се бара да го обезбеди просторот околу отворот, а единствена обврска на Општината е да ги извести државните надлежни институции за проблемот.

    Овие заклучоци ги донесе Општинскиот штаб за заштита и спасување на вчера одржаниот вонреден состанок и ги објави на сајтот на Општината:

    • Локалната самоуправа не е надлежна, бидејќи се работи за подземен објект, кој е во надлежност на Република Северна Македонија.
    • Се препорачува сопственикот на куќата да преземе мерки на претпазивост и обезбедување на просторот околу отворот, кој се наоѓа на земјиште во негова сопственост, за да не дојде до несакани последици.
    • Општина Куманово се обврзува да ги информира надлежните институции на централно ниво за надминување на новонастанатата ситуација.

    Дупка со длабочина од 5-6 метри се отвори во петокот. Таа е со пречник од 50-60 сантиметри и надолу се шири до 150 сантиметри и води кон скривница, која се наоѓа под друга куќа во соседството.

    СЕ ОТВОРИ ДУПКА МЕЃУ ДВЕ КУЌИ ВО КУМАНОВО

    Од Регионалниот центар за управување со кризи (РЦУК), откако извршиле увид, констатирале дека се работи за подземни скривници со два непознати крака, кои водат кон железничката пруга во населбата Перо Чичо. Членовите на семејството Азировиќ и нивните соседи се плашат дека земјата ќе продолжи да тоне и може да ги поткопа куќите.

    Во подножјето на населбата Багрем Бања, покрај пругата, има три отвори за скривници, кои се користеле за складирање на јаглен за возовите и на оружје за војската, изградени уште пред Втората светска војна. Скривниците со години се напуштени и никој не ги одржува и тука се собираат бездомници и корисници на дрога.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира