Шарената револуција го заврши протестот. Накиснати до гола кожа антивладините демонстранти ги слушнаа говорите од организаторите и од членовите на СДСМ, се растурија во мали групи и почнаа да си заминуваат. Во Скопје истура дожд откако е почнат протестот во 19 часот.
Шарената револуција на мостот Гоце Делчев се судри со полицијата. Полициски барикади и водени топови ги сопреа демонстрантите чија намера беше да одат кон Уставниот суд. Се обидоа со кренати раце да го пробијат полицискиот кордон извикувајќи кон полицијата „Убијци, убијци!“ и „Слобода, слобода“.
Претходно со едноминутно молчење оддадоа почит на четиригодишниот Алмир од Куманово кој пред неколку дена почина како последица на намерно прегазување во препирка помеѓу две семејства пред здравствениот дом во Куманово.
На демонстрантите им беше ограничено движењето. На почетокот на протестот полицијата ги сопре кај Палома Бјанка, па не можеа да се движат кон Собранието и кон ГТЦ. Вечерашниот протест покрај барањето Уставен суд да се изјасни за уставноста на Специјално јавно обвинителство, испрати порака и да сопре барокизацијата на ГТЦ и беше поддржан од граѓанско движење „Го сакам ГТЦ“.