ПРИВЕДЕН ПАТНИК НА СКОПСКИОТ АЕРОДРОМ ОТИ ПУШЕЛ ВО АВИОН

    ПРИВЕДЕН ПАТНИК НА СКОПСКИОТ АЕРОДРОМ ОТИ ПУШЕЛ ВО АВИОНПатникот запалил цигара во тоалетот на авионот, по што екипажот го пријавил случајот на аеродромот и побарал асистенција од полиција. - Авиони на „Визер“ на Скопскиот аеродром (Фото: СДК.МК)

    Патник на летот Брисел-Скопје на авиокомпанијата „Визер“ пушел цигара во авионот, по што бил приведен од полицијата на Скопскиот аеродром, потврдија од МВР.

    Патникот запалил цигара во тоалетот на авионот, по што екипажот го пријавил случајот на аеродромот и побарал асистенција од полиција. Откако авионот слетал на скопскиот аеродром 25 минути по полноќ, патникот бил предаден на полицијата.

    „Беше побарана наша асистенција, бидејќи патникот Д.Ш. (22) не ги почитувал правилата за летање, односно пушел во авионот. Беше направен разговор со него. Во неговата изјава, лицето тврди дека не пушел, иако екипажот тврди спротивно. Се работи на расветлување на случајот“, велат од полицијата.

    Според правилата на авиокомпанијата, пушењето во авион, вклучувајќи класични и електронски цигари, е строго забрането без оглед на должината на летот. Како што стои на сајтот на Визер, последиците за непочитување на оваа забрана се парична казна до 3.000 евра и апсење од локалната полиција.

    Патници кои редовно летаат на линијата Скопје-Брисел велат дека и покрај строгите казни, се случувало и претходно во авионот да не се почитува забраната за пушење.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира