Судскиот совет ја преиначил наредбата до сите претседатели на судови во Македонија да изготват поединечни решенија за казни од 40 отсто од плата за секој вработен во судската администрација кој штрајкува и денеска издал нова, незаконска наредба. Со новата наредба се стопираат поединечните решенија, но и јунската плата која требало судските административци да ја земат овие денови.
Според новата наредба на претседтаелот на Судскиот совет Зоран Караџовски, сите благајници во судовите во Македонија треба да ја искорегираат јунската плата на луѓето кои учествуваат во штрајкот и во неа да ги пресметаат одбитоците од мај и од јуни, за периодот додека трае штрајкот во судството.
“Благајниците се со нас. Тие се единствени. Сите одбиле да го направат ова незаконито дело. Но, ако се спроведе насилнички оваа наредба, ќе има тужби и кривични пријави против тие кои ја издале незаконската наредба“, изјави претседателот на УПОЗ Пеце Грујовски.
“Предупредувам уште еднаш. Немојте со насилие врз најдобрите административци во системот. Нивната работа е специфична. Не може секој да ја врши нивната работа. Решете ги нивните проблеми, тргнете ја дискриминацијата од нив. Нивните права за додатоци во службата ставете ги во Законот за судска служба, како што ги озаконивте правата на обвинителската администрација!“, вели Грујовски.
Ако се оди според законот кој важи за сите административци, првин треба се евидентираат оние вработени кои влегле во штрајк, потоа се договараат минимум услови, односно неодложни обврски кои треба да се извршуваат додека трае штрајкот. Ова, тврди грујовски, не е направено. Натаму, се изготвуваат поединечни решенија за намалување на платите за законски пропишаните проценти, на кои секој од казнетите има право на жалба. До правосилноста на решенијата, казнетите штрајкувачи земаат цела плата.
Освен на судските благајници, Судскиот совет не може да се потпре ни на секретарите во судовите, кои треба да одлучат по жалбите за намаледните плати. И тие штрајкуваат рамо до рамо со колегите од судската администрација, објаснува Грујовски.